Денеска е Меѓународен ден на среќата

Меѓународниот ден на среќата се слави низ целиот свет на 20 март. Основан е од Генералното собрание на Обединетите нации на 28 јуни 2012 година и има цел да ги натера луѓето од целиот свет да ја сфатат важноста на среќата во нивниот живот.

Научните докази сугерираат дека да се биде среќен може да има големи придобивки за нашето здравје. За почеток, да се биде среќен промовира здрав начин на живот. Може да помогне и во борбата против стресот, да го зајакне нашиот имунолошки систем, да го заштити нашето срце и да ја намали болката, а дури и да го зголеми нашиот животен век.

Според Светскиот извештај за среќа Република Северна Македонија се наоѓа на 92-то место од 146 земји. Од нашите соседни држави, најдобар пласман има Србија, која се наоѓа на 47 место, потоа Грција на 67 место и Бугарија на 86 место. Албанија е едно место пред нас, односно на место број 91, додека, зад нас, на 93 место, се наоѓа Гана.

Овој извештај користи статистичка анализа со еопфатни податоци од анкетата на „Галуп Интернешнал“ од 149 земји во последните три години, конкретно, следејќи ги перформансите во шест одредени категории: бруто-домашен производ по глава на жител, социјална поддршка, здрав животен век, слобода да правиш сопствен животен избор, великодушноста на општата популација и перцепциите за внатрешните и надворешните нивоа на корупција. Според сето ова, извештајот за 2021 година заклучи дека Финска е најсреќната земја во светот, по што следат Данска, Швајцарија, Исланд, Холандија, Норвешка и Шведска.  Најнесреќната земја во светот за 2021 година беше Авганистан, чие рангирање на 149-то место, според извештајот, може делумно да се припише на ниската стапка на очекуваниот животен век и ниските стапки на бруто-домашниот производ по глава на жител.

20.03.2022 - 11:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега