Коцијанчиќ: Продолжува дијалогот меѓу Косово и Србија

Претседателите на Косово и на Србија, Хашим Тачи и Александар Вучиќ се договорија да го продолжат дијалогот за нормализирање на односите, изјави портпаролката на европската шефица на дипломатијата, Маја Коцијанчиќ.

Одговарајќи на прашањето дали Еулекс се вклучи во истрагата за убиството на лидерот на косовските Срби, Оливер Ивановиќ, таа не даде конкретен одговор, туку додаде само дека ЕК веднаш по инцидентот соопшти оти „Еулекс ќе ги поддржи властите во рамки на својот мандат“.

Коцијанчиќ нагласи дека двајцата претседатели синоќа разговарале телефонски и се согласиле да продолжат со преговорите со посредство на ЕУ.

Портпаролката истакна дека продолжувањето на дијалогот по сите прашања кои се од заеднички интерес „е единствен начин да се обезбеди трајна стабилност во Косово, Србија и цела Европа“.

Таа повтори дека имплементирањето на досега договореното во дијалогот претставува обврска, која двете страни ја прифатиле и која ќе ја одреди брзината на нивниот напредок кон евроинтеграциите.

 

 

 

18.01.2018 - 18:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа