Кузески ги демантира наводите во кривичната пријава од „Еурокомпозит“

Генералниот директор на наменската фабрика „Еурокомпозит“ Александар Кузески ги демантира наводите во кривичната пријава на синдикатот на „Еурокомпозит“ и смета дека се тенденциозен обид да му се наштети приватно и како јавен функционер.

Синдикатот денеска до Полицијата и до Основното јавно обвинителство во Прилеп поднесе кривична пријава против Кузески и против директорот на ДООЕЛ „Композитна опрема“ Тони Дукоски. Се сомневаат дека околу 90.000 евра, пари авансирани од Владата за сработено во фабриката „Еурокомпозит“ се префрлени на ДОООЕЛ „Композитна опрема“, а оттаму на непостоечка фирма „Ројал логистик интернационал“ од село Велгошти, сопственост на директорот Дукоски. 

- Ги демантирам наводите во кривичната пријава и ова го сметам како тенденциозен обид да ми се наштети приватно и како на јавен функционрер. Работам според позитивните законски прописи и ги повикувам Финансиската полиција, Државниот завод за ревизија и сите соодветни институции да дојдат и да ја утврдат фактичката состојба, вели Кузески во својот демант до јавните гласила.

Службеници од Финансиската полиција, додава, веќе беа во компанијата и побараа одредена документација која им беше предадена, но останувам отворен за соработка со сите релевантни институции.

- Компанијата по моето назначување ја начекав во очајна ситуација и со започнат штрајк, со неисплатени плати, со неисплатени придонеси од 2012 година до денес, со нереализирани обврски кон домашни и странски партнери, а веќе земени и потрошени аванси. Таквата ситуација е посебно влошена во пресрет на парламентарните избори, во декември 2016 година кога во еден подолг временски период, под мотивот за одржување на социјален мир, се исплаќани аванси за плата, а вработените во фабриката практично ништо не работеле, стои во демантот на генералниот директор на „Еурокомпозит“, Александар Кузески.

 

 

 

12.02.2018 - 13:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа