Русија предупредува дека САД подготвуваат уште една револуција - откриваат која држава е „на ред"

Руската разузнавачка служба денеска ги обвинила САД дека сакаат да поттикнат револуција за време на претседателските избори во Молдавија на 1-ви ноември, по моделот на Белорусија и Киргистан, кои се потресени од народни протести.

„САД продолжуваат без воздржување да се мешаат во внатрешните работи на пријателите на Москва. Денеска гледаме дека Американците организираат револуционерно сценарио за Молдавија во ноември", наведува шефот на руската Надворешноразузнавачка служба, Сергеј Наришкин. 

На изборите во Молдавија главни кандидати се актуелниот претседател Игор Додон, кој се смета за проруски настроен, и поранешната премиерка Маја Санду, која се смета за проевропска политичарка.

Тие две страни се менувале на власт во последните години и во минатото се одвивале големи пост-изборни протести.

Наришкин го обвинува Стејт-Департментот дека ја охрабрува опозицијата да организира масовни протестни акции по изборите, додека смета дека американската амбасада би била виновна ако бара од безбедносните сили да не интервенираат во случај на демонстрации.

Во соопштението на руската разузнавачка служба се наведува дека САД веќе се обиделе на груб начин да влијаат на постизборната ситуација во Белорусија и Киргистан оваа година.

Белорускиот претседател Александар Лукашенко е соочен со протести од изборите на 9-ти август, со обвиненија за изборна измама и насилна репресија над опозицијата. Според Минск и Москва, зад тие демонстрации стои Западот.

Демонстрациите обележани со насилство го принудиле прорускиот претседател на Киргистан Соробај Женбеков да поднесе оставка по парламентарните избори на кои се смета дека биле купувани гласови. Женбеков не ги обвинил странските сили дека стојат зад неговиот пад и своето место му го отстапил на националистичкиот политичар со сомнителна репутација, Садир Жапаров.

Во поранешниот советски простор имало многу демонстрации, револуции или протестни движења по избори кои биле сметани за наместени и осомничени дека ги фаворизираат авторитарните и корумпирани режими.

Тоа се случило во Грузија во 2003-та, Украина 2004-та и 2015-та, Киргистан 2005-та, 2010-та, 2020-та, во Молдавија во 2009-та, Ерменија 2008-ма и 2018-та и Белорусија во 2020-та.

Москва тие побуни ги нарекла обоени револуции и редовно на нив гледа како на вид мешање на Западот.

Наришкин кон средината на септември изјавил дека САД ја финансирале белоруската опозиција.

Наришкин додал и дека според информациите со кои располага службата, САД играат клучна улога во моменталниот развој на случувањата во Белорусија и дека издвоиле десетина милиони долари за финансирање на белоруските опозициски сили.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

22.10.2020 - 12:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега