Претседателот Иванов ги додели медалите за храброст

Македонија | 21. декември 2011 - 14:42
Претседателот рече дека значењето на делата на одликуваните е толку големо што покажале дека вистинскиот хероизам не произлегува од желбата да се биде подобар од другите и по цена на сопствениот живот, туку извира од желбата да им се помогне на другите по цена на сопствениот живот

 

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска во „Вила Водно“ одликуваше повеќе лица со титулата „Медал за храброст“.

Шефот на државата ги одликуваше потполковник Орце Јордев, мајор Драганчо Војнески, мајор Димче Велков, постар водник Стојче Стоилов, постар водник Зоран Ристов и водник Зоран Трајков за покажана исклучителна храброст и пожртвуваност во извршување на поставените задачи при екстремно тешки и опасни услови во акцијата за извлекување на загинатиот рудар од рудникот „Бучим“.

Иванов со „Медал за храброст“ го одликуваше и Сами Нуредини за покажана исклучителна храброст и пожртвуваност во спасување човечки живот при тешки и опасни услови од надојдените води на реката Вардар.

- Храброста и пожртвуваноста се меѓу основните, но, сепак, ретки човечки доблести. Понекогаш толку ретки што некои луѓе се прашуваат дали денес, во овој современ свет, воопшто го има. Многу сум среќен и горд што луѓето кои ги одликувам денес го дадоа дефинитивниот одговор. Не само што е присутна, туку храброста во македонското општество ја одразува онаа темелна човечност која не познава и не признава етнички, религиски или јазични разлики. А, притоа, единствено нешто што е важно е да им се подаде рака на оние чии што животи се во опасност, рече претседателот Иванов во своето обраќање.

Посочи дека значењето на делата на одликуваните е толку големо што покажале дека вистинскиот хероизам не произлегува од желбата да се биде подобар од другите и по цена на сопствениот живот, туку извира од желбата да им се помогне на другите по цена на сопствениот живот.

- Нашите храбри луѓе на дело покажаа дека човекот не треба да го живее животот само за себе, туку да им помага на оние кои се во неволја. Затоа, сакам да знаете дека сме ви благодарни за она што го направивте и бидете уверени дека нашата татковина е среќна што има вакви храбри луѓе, истакна Иванов.

Потполковникот Орце Јордев рече дека првпат во поновата историја на самостојна Македонија на припадници на АРМ и цивили им се доделуваат медали за храброст.

- Гордост и чест е да се прими вака високо признание и да им се оддаде почит на храброста и пожртвуваноста на припадниците на АРМ и цивилните лица лично од претседателот на Република Македонија. Припадниците на Армијата уште од времето на Александар секогаш имала херои и херојски настани, моменти на храброст и пожртвуваност, потенцираше Јордев, додавајќи дека ова му е најдраг медал во животот.

Современите предизвици, според него, претставуваат посебен поттик за припадниците на АРМ да продолжат со надградување на знаењата и посветување кон професијата.

На претседателот му се заблагодари и Нуредини кој рече дека само луѓето кои поседуваат хуман дух знаат да ги ценат и наградат храбрите и солидарни лица. За него, како што рече, медалот е уште еден поттик да продолжи со хуманоста

 

 

Коментари

Остави коментар

Податоците од ова поле нема да бидат никаде јавно објавени.