Захариева: Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан е инспиративна, праведна и реална

Стратегијата за проширување на ЕУ кон Западен Балкан е многу навремена, изјави бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева која учествуваше на дискусијата „Иднината на Западен Балкан и новата стратегија за проширување на ЕУ“ што денеска се одржа во Домот на Европа во Софија.

- Во стратегијата гледаме многу позитивни страни, рече Захариева.

Таа оцени дека Стратегијата е навремена, сеопфатна и инспиративна. Според неа, Стратегијата е многу праведен документ, бидејќи јасно ги истакнува предизвиците пред секоја од државите.

- Тоа е еден долгорочен документ, тој дава доста амбициозен датум - 2025 година, истакна таа и додаде дека во исто време стратегијата многу јасно кажува дека нема да има компромиси со критериумите.

-  Документот е стимулирачки, инспиративен, но исто така и реален, јасно кажува кои се предизвиците и што треба да се случи, изјави Захариева.

Посочувањето на индикативен датум може да биде поттик, смета Захариева и Стратегијата ја нарече отворен и чесен документ.

Таа изрази задоволство што Стратегијата исто така се фокусира на младите луѓе, на создавањето работни места, на создавањето претприемачки и дигитални вештини.

Захариева истакна дека европската перспектива на Западен Балкан значи безбедност, стабилност и просперитет на цела ЕУ.

Министерката исто така, коментираше дека постојат два вида замор - заморот од проширувањето меѓу голем број граѓани и политички елити на земјите-членки на ЕУ, што може да се должи на многуте проблеми со кои се соочува ЕУ во последниве години и заморот од реформите и омаловажување на некои од земјите-кандидати.

Таа истакна дека Бугарија ја поставила многу високо, како еден од основните приоритети на своето претседателство, европската перспектива и поврзаноста на Западен Балкан и изрази убеденост, дека тој фокус врз Западен Балкан нема да заврши со шесте месеци на бугарското претседателство. 

 

 

 

13.02.2018 - 14:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа