38 проценти го подржуваат отцепувањето, 39 се против независноста на Шкотска

На осум денови пред одржувањето на референдумот за независност на Шкотска, 38 отсто од луѓето го поддржуваат отцепувањето, додека 39 отсто од гласачите се за задржување на повеќе од три века старата англиско-шкотска унија и за останувањето на земјата во Велика Британија.

Истражувањето што го направи шкотската агенција ТНС-БМРБ пред шест денови, открива дека дури 23 отсто од гласачите се уште не се определиле која опција да поддржат.

Анкетите што досега се направени, сугерираат дека на 18 септември ќе има голем одзив меѓу гласачите, што е новина во споредба со традиционалниот, мал одзив на Шкотланѓаните на гласањата за локалните и британските и европските избори.

Се верува дека на референдумот би можело да гласаат и 91 отсто од регистрираните гласачи. Тоа е безмалку двојно повеќе отколку на последните шкотски парламентарни избори во 2011 година, или за една третина повеќе од одѕивот забележан на британските парламентарни избори во 2010 година.

Според политичките аналитичари во Единбург, големиот одзив би можел да ги повлече сите сега неопределни и да создаде предност за сепаратистите и оние кои сакаат отцепување на Шкотска.

„Мртвата трка“ што во финишот на кампањата пред референдумот ја водат сепаратистите и унионистите, ги предизвика лидерите на главните политички партии во Велика Британија директно да се вклучат во агитацијата за, како што се вели, спас на унијата и на Обединетото Кралство.

Но познавачите на шкотските политички прилики оценуваат дека спасот за Велика Британија би можело да го обезбеди само Лабуристичката партија и нејзината „партиска машинерија“ во Шкотска. Оваа партија традиционално е најсилната и најпопуларната британска партија во тој дел од земјата, па таа до 2007 година, цели 50 години управуваше со тој дел од Велика Британија.

Партијата на либералните демократи до влегувањето во коалицијата со ториевците во 2010, можеше да смета на добар дел од шкотските гласачи, но таа сега е маргинализирана, а конзерватиците никогаш не биле популарна партија во Шкотска, а тоа не со сегашниот лидер, премиерот Дејвид Камерон, поради нивната економска и социјална политика.

Шкотските гласачи се традиционално левичарски определени, па голем број британски министри и политичари, како и поранешниот премиер Гордон Браун, беа од овој дел на Велика Британија.

Расправиите и делбите меѓу лабуристите, во 2007 година, предизвикаа тие прв пат по половина век да доживеат пораз во Шкотска од Шкотската национлна партија на Алекс Салмонд, не затоа што тој заговараше отцепување, туку поради неговата левичарска внатрешна политика и популизмот што одеа полево од позицијата на лабуристите.

Анкетите откриваат дека досега, работничката класа е определена за независност, додека средната и натаму верува дека заедно со Велика Британија е подобро за сите.

Лидерот на лабуристите Ед Милибанд би требало сега да ги повлече работничките гласови на страната на кампањата за спас на унијата.

10.09.2014 - 13:49
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега