Аеродром: Нема да се гради зграда на Детската улица во Ново Лисиче

Општина Аеродром ги оцени како апсолутно невистинити информациите што се шират деновиве на дел од социјалните мрежи за наводно вцртување згради во зеленилото во деталниот урбанистички план за Ново Лисиче.

Од општината потенцираат дека на официјалната општинска интернет-страница јасно може да се види дека детската улица „Тоше Проески“ останува непроменета.

 

„Најостро го осудуваме обидот да се дискредитира локалната власт и апелираме до граѓаните да не наседнуваат на лажните вести и некои петиции што неосновано се покренуваат. Во планот за Ново Лисиче ЈИ02 што е посочен во лажните вести е вцртано Д1, односно парковско зеленило и не постојат ниту се предвидени згради на таа локација.

Очигледно, станува збор за ширење дезинформации што може да ги доведат граѓаните во заблуда. Општина Аеродром работи транспарентно и новите детални урбанистички планови ги изработува според највисоки стандарди и во консултација со граѓаните“, велат од Општината.

 

Оттука им порачуваат на граѓаните самите изворно да ги проверат информациите за деталните урбанистички планови.

 

„Имено, на општинската интернет-страница www.aerodrom.gov.mk треба да се кликне на банерот за ГИС (Географски информациски систем на Општина Аеродром за граѓани). Кога ќе се отвори ГИС-от, треба да се кликне на третото копче лоцирано на горниот лев агол. Потоа се штиклираат полињата „ДУП“ и „Синтезен“ при што се отвора детален преглед на сите ДУП-ови за целата територија на општина Аеродром. Напоменуваме дека ГИС-от е најмеродавен извор на ажурирани информации за деталните урбанистички планови на глобално ниво“, велат од Општина Аеродром.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

10.09.2019 - 11:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега