Албанските партии условуваат со Бугари во Уставот - ВМРО-ДПМНЕ одбива „диктати“

Сите политички партии од албанскиот етнички блок тврдат дека уставните измени ќе им бидат приоритет во новата Влада. Секоја од нив на различен начин ја условува евентуалната коалиција со ВМРО-ДПМНЕ по следните избори. Разликата е во временската рамка која ја даваат за спроведување на уставните измени

ДУИ
ДУИ е на ставот дека нема да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ ако партијата не прифати гласање на постапката за старт на уставните измени пред да се гласа новата Влада. Тоа е став кој во интервју за 360 степени го соопшти Артан Груби.

ТАРАВАРИ
Лидерот на Алијанса за Албанците кој е и претседателски кандидат на албанската опозиција вели дека и нему Уставот му е приоритет. За разлика од ДУИ тој вели дека е подготвен да влезе во влада која во определен рок ќе прифати Уставни измени.
„Зборувам за  Алијанса за Албанците.  Без разлика колку пратеници ќе имаме, ние нема да бидеме дел од влада која нема да ги направи уставните промени. Ќе бидеме дел од влада која во одреден временски период ќе се обврзе да ги спроведе уставните измени“, рече завчера Таравари на ТВ 21

ЕСП
Албанската опозиција предводена од Касами, Меџити и Гаши е најфелксибилна. Касами во изјава за медиумите дури и рече дека ги разбира позициите на ВМРО-ДПМНЕ кои не биле консултирани во овој процес. Сепак официјалниот став на коалицијата е дека ќе влезат во Влада која при формирањето ќе договори определен рок во кој би се сменил Уставот, без да се прецизира колкав рок би бил тоа.

ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО-ДПМНЕ вчера повтори дека нема да прифати како што тие велат бугарски диктат. Партијата вели дека не е подготвена да преговара за оваа тема и дека во својата предизборна програма ќе понуди план за надминување на ситуацијата

АНКЕТИ
Но и до сега, а по изборите веројатно уште потешко ќе биде да се смени Уставот без ВМРО-ДПМНЕ. Ако се следат резултатите од последните анкети ВМРО-ДПМНЕ ќе има над 50 пратеници што значи дека ќе биде уште потешко да се убедат повеќе од десетмина од нив да гласаат за уставните измени имајќи предвид дека на власта тоа не и успеа ниту сега, кога партијата имаше значително помалку пратеници. Тоа значи дека кој и да биде власт во идниот парламентарен состав, клучот пак ќе биде во рацете на Мицкоски.
Сепак, аналитичарите се сомневаат дека партиите од албанскиот политички блок, особено опозициските би ја пропуштиле шансата да го турнат ДУИ во опозиција поради уставните измени кои се свесни дека и со без нив во Владата нема да се случат доколку за тоа зелено светло не даде ВМРО-ДПМНЕ која и сега, а веројатно и во идниот парламент како политичка партија има најголем број пратеници.

21.02.2024 - 11:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега