Америка не ги укинува ограничувањата за патување - три европски земји на „црвената листа“

Соединетите Американски Држави нема да укинат ниту едно од постојните ограничувања за патувања поради загриженоста од брзо-преносливата делта-варијанта на коронавирусот и зголемувањето на бројот на новозаразени случаи, изјави портпаролот на Белата куќа Џен Псаки.

Таа изјави дека Вашингтон, имајќи ја предвид моменталната состојба со делта-сојот, ќе ја задржи примената на сегашните ограничувања за патување.

„Со ширењето на делта-варијантата, бројот на новозаразени случаи се зголемува, особено кај невакцинираните граѓани и се чини дека овој тренд ќе продолжи и во наредните недели“, рече Псаки.

Во САД во моментов е оневозможен влез на странски државјани кои последните четиринаесет дена ги поминале во Велика Британија, дваесет и шестe земји од Шенген зоната во Европа, како и Ирска, Кина, Индија, Јужна Африка, Иран и Бразил.

Центрите за контрола и превенција на болести на САД (ЦДЦ) и Стејт департментот предупредија дека граѓаните не треба да патуваат во Шпанија, Португалија, Кипар и Киргистан поради зголемениот број на заразени со вирусот во тие земји, објавија американските медиуми.

ЦДЦ го зголеми ризикот за патување за тие земји на „ниво четири“ односно многу високо и им препорачува на Американците да избегнуваат патувања, додека Стејт департментот препорачува воопшто да не се патува во тие земји.

Шпанија во јуни повторно ги отвори своите граници за американските туристи и оттогаш е популарна дестинација.

ЦДЦ, покрена препораки за патување во Куба со „четврто ниво“ на предупредувања, додека Стејт департментот препорача да не се патува таму. Центарот исто така е загрижен за зголемениот број на заразени лица во Израел, Западниот брег и Газа, а Стејт департментот им препорачува на потенцијалните патници „да размислат двапати“ за патување во Израел.

Ерменија е ставена на „ниво 3“, што значи дека невакцинираните патници треба да избегнуваат патување во таа земја, доколку тоа не е потребно.

Макфакс

27.07.2021 - 09:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега