Андоновска: „Клексан“ ем нема доволно ем поскапе

Другите земји го организираа и прилагодија здравствениот систем на потребите на граѓаните, изградија болници, ангажираа дополнителен медицински персонал, спроведуваат вакцинација од декември минатата година, а во Македонија не само што нема вакцини, туку кадарот е изморен, болните од другите градови се препраќаат во Скопје сами да се снајдат и да си обезбедат место во болниците и згора на тоа граѓаните не можат или едвај набавуваат основна терапија, обвини вчера пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Марија Андоновска.

 

– За основен лек кој не е потребен само за болните од корона, туку и за трудници и останати лица кои имаат проблеми со циркулација, ем нема лек, ем ако го најдете ќе го преплатите неколку пати повеќе. Така државата или министерот за здравство Венко Филипче преку Фондот за здравство, не најдоа начин да има доволно количини на антикоагулати, лекови кои помагаат да не дојде до згрутчување на крвта и создавање на тромб, ама затоа најдоа начин како да ги зголемат цените. Колку за илустрација, цената на познатиот антикоагулант клексан се движеше од 175 до 182 денари, а сега е од 255 до 270 денари. Но, Фондот ќе ви врати само 101 денар. Или за 10 фраксипарини од 0,6 во аптека се плаќа 2.675 денари, а Фондот враќа 1.509 денари минус партиципација 240 денари. Значи за 10 фраксипарини купени во аптека за цена од 2.675 денари, Фондот враќа само 1.269 денари. Или не враќа ниту 50 проценти – рече Андоновска.

Таа потенцира дека цената на лекот е зголемена, а Фондот не ја зголемува сумата која треба да им ја врати на граѓанитеа, а ова е направено со дозвола од Министерството за здравство на 10 ноември минатата година.

– Сумата која Фондот ја враќа не е сменета од 2014 година. Кога има вакви поместувања на цените на пазарот, мора да се прилагоди и сумата која ја враќа Фондот на граѓаните. Од сето ова се гледа дека надлежните спијат. Филипче дава налози за повисоки цени и заедно со Фондот ги пљачка граѓаните во време пандемија. Министре, затоа јавно ве повикуваме прекинете да ги товарите граѓаните со давачки. Министре ставете го и антикоагулантот Ксарелто на позитивна листа, а за веќе споменатите Клексан и Фраксипарин, направете реално да бидат на позитивна листа, а не граѓаните да плаќаат повеќе од 50 проценти од цената, тоа не е позитивна листа. Адаптирајте го здравствениот систем согласно барањата и реалните потреби на народот, а не согласно вашите лични потреби и пиар! – рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

06.03.2021 - 13:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега