Андоновска: СДСМ редела членови на управни и надзорни одбори без биографии

СДСМ поставувала членови на надзорни одбори без биографии, партиски членови и ние се уште ги немаме биографиите на луѓето кои ги уништија институциите, изјави советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Марија Андоновска на денешната седница во Советот на Град Скопје.

Таа истакна дека иако сега СДСМ бара биографии од новите членови, треба да се знае дека одбиваа да ги доставуваат биографиите и на членовите на управни и надзорни одбори и никогаш не ги доставија.

„СДСМ во изминативе 5 години откако е на власт во државата ги прекршува сите принципи, правила на однесување и законски постапки. СДСМ никогаш не ги достави биографиите на сите членови кои ги постави во сите управни и надзорни одбори, како и раководители на институции“, рече таа.

Андоновска нагласи дека постои разлика помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, затоа што ВМРО-ДПМНЕ ќе ги достави сите биографии на сите членови кои ги предлага.

– Ќе ги добиете сите до една биографија на луѓето кои ние ги предлагаме. Вие барате принципи и правила, а ниту еднаш не доставивте ниту една биографија, се уште не знаеме кои се тие кои беа во институциите и раководеа со нив и ги уништија, потенцираше Андоновска.

29.12.2021 - 13:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега