Андоновски: Скандалозниот избор на конзули го загрозува меѓународниот имиџ на Македонија

Со постапките за избор на македонски амбасадори, Владата на ДУИ и СДСМ го нагризува меѓународниот имиџ на Македонија. Со оваа тајна и штетна игра на Бујар Османи се уништуваат сите меѓународни позиции на државата, изјави Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ

-Од доаѓањето на власт, дипломатските претставништва или се оставаат празни со години, или на позиции амбасадор или конзул се поставуваат контроверзни лица, лица со проблематично минато, комплетно несоодветни кадри или синови и ќерки на провладини аналитичари. Прво, власта со сила го турка назначувањето на еден од најконтроверзните ликови во македонската политика. Љубомир Фрчкоски е човек на кој Владата на САД му го одби назначувањето како амбасадор во Вашингтон, а сега упорно се предлага за амбасадор во ООН во Њујорк. Човек кој не добил дозвола да биде амбасадор од земјата-домаќин, сепак се испраќа за амбасадор во истата држава. Се работи за посрамување на нашиот стратешки пријател, а истовремено и на државата. Затоа ни малку не сме зачудени од вчерашните најави за непримерни дипломатски игри на МНР, истакна Андоновски.

Иако Законот за надворешни работи во членот 49 бара лицата кои се назначени за амбасадори надвор од структурата на МНР да бидат афирмирани личности во областа на надворешната политика и меѓународните односи, сепак постојат најави дека се испраќаат лица со комплетно несоодветни биографии. Прашуваме како е можно и дали е меѓународно афирмирана 28-годишна презентерка од телевизија за да биде македонски конзул во Њујорк односно во Њу Џерси? Какво меѓународно искуство има оваа личност? Што постигнала за афирмација на Македонија во САД? Какво познавање има од конзуларните должности кои оваа позиција несомнено ги носи? Дали воопшто го зборува англискиот и македонскиот јазик? Прашуваат од опозициската партија.

-Според јавно достапните информации, за во Чикаго се избира за конзул и синот на провладиниот аналитичар Алберт Муслиу, Петрит Муслиу. Дали во овој случај меѓународна афирмација е што неговиот татко аналитичар постојано ја фали владината меѓународна политика? Дали биографијата на конзулите се полни преку дебатни емисии за фалби на поразите на македонската дипломатија? Ако овие кандидати се најквалитетните што можеме да ги пратиме во најмоќната држава на светот, зошто тогаш нивниот избор се прави тајно, далеку од јавноста, на затворени седници на владата? Зошто избегнува одговор владиниот портпарол? Зошто се бега од одговори и одговорност? Ова само ја надополнува бледата слика за македонската дипломатија, потенцираше Андоновски.

Како што рече тој, Македонија веќе 4 години е оставена без највисоки дипломатски претставници во најважните престолнини во светот – членки на Советот на безбедност, соседи од клучно значење, главни европски центри и Вашингтон. Во овој случај се работи за дипломатски скандал par excellence. Со невидена леснотија се уриваат и онака кревките македонски дипломатски позиции. Иако постојано зборуваме за скандали во раководењето на државата, суштински е опасно кога овие скандали ги преминуваат границите на државата и нѐ срамат во најважните центри на моќ во светот. САД е постојана членка на Советот за безбедност на ООН, но и стратешки партнер на Македонија веќе 2 децении. Загрижува оваа несериозност во назначувањето. Таа ја покажува дрскоста, неразбирањето на состојбите и комплетната негрижа за македонскиот меѓународен имиџ.

На овој начин, како држава служиме за потсмев во дипломатскиот свет. Ова е само потврда на доминацијата на ДУИ во владата ДУИ-СДСМ. Затоа, повикуваме на прекин на сите овие постапки за меѓународно оцрнување на државата. Пендаровски да не се иззема од процедурите, кога тоа политички не му одговараат. Го повикуваме истиот да побара прекин на овие тајни постапки и да побара транспарентен и законски избор за нашите меѓународни претставници. 

 

17.02.2022 - 13:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега