Апелација ја потврди пресудата за „Рекет“: 9 години затвор за Боки, 7 за Јанева

Апелациониот суд во Скопје, ја потврди во целост пресудата за случајот „Рекет“ со што Бојан Јовановски – Боки 13 правосилно го осуди на 9 години затвор, а поранешната специјална обвинителка Катица Јанева на 7.

 

Од Апелација соопштија дека ги разгледале жалбите на двајцата обвинети, како и на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, кое бараше повисоки казни, по што одлучиле да ги отфрлат и да ја потврдат пресудата која беше донесена од Основниот кривичен суд во Скопје.

Со одлуката на Апелација, пресудата станува и правосилна, по што од Кривичниот суд во Скопје на обвинетите треба да им испратат и упатен акт за во затворот каде ќе треба да ја одлежат казната. Двајцата во моментов се наоѓаат во домашен притвор.

Во „Рекет“ Јовановски е осуден за делата примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, а Јанева за злоупотреба на службената положба и овластување.

Во истиот случај со нив, за примање награда за противзаконито влијание, беше обвинет и Зоран Милески-Кичеец, но тој уште на првото рочиште во декември 2019 призна вина и доби затворска казна од 3 години затвор. Таа е правосилна и од октомври лани тој ја издржува во Казнено-поправниот дом (КПД) во Струга.

Според обвинението, а и првостепената пресуда за „Рекет“, откако во ноември 2018 СЈО ја отворило истрагата „Империја“, биле барани пари од осомничениот бизнисмен Орце Камчев, со цел тој да добие повластен третман, како укинување на притвор, враќање на пасошот, но и евентуално својство на заштитен сведок или склучување спогодба. Обвинителството тврдеше, а судечкиот совет смета дека е докажано, дека од Камчев биле изрекетирани 1,5 милиони евра.

Јовановски и Јанева, пак, во текот на судскиот процес ги отфрлаа ваквите тврдења обвинувајќи дека станува збор за монтиран предмет со цел да се спаси бизнисменот Камчев. Предметот го нарекуваа политички, исто како и првостепената пресуда.

21.07.2021 - 14:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа