Арсовска: Градот и градските служби треба да го поттикнат развојот на локалниот бизнис сектор

Како човек што 20 години е дел од бизнис секторот знам точно со што се соочувате и каде е потребно да се влијае за да се овозможи одржливост и раст на локалните бизнис, истакна кандидатката за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска на денешната средба со претседателот на Стопанската комора на северо-западна Македонија Неби Хоџа и извршниот директор Дриљон Исени.

Арсовска потенцираше дека дека градските служби треба да бидат во функција на бизнисите, исто како што градоначалникот може и треба да се вклучи во поттикнување и обезбедување клима и услови за работа и развој.

– Социоекономскиот развој во голем степен зависи од соработката со општинските институции и служби. Работењето заедно и меѓусебната помош, неминовно ќе доведе до севкупен економски развој. Општината е должна како на граѓаните така и на бизнисите да им обезбеди брзи и транспарентни служби, некорумпирана администрација, функционална инфраструктура, нешто што во целиот овој период недостасува и е сериозен проблем и пречка за компаниите, а тоа го знам од секојдневното искуство и од реакциите на многу наши членки. Познавајќи ги сите овие проблеми создадовме решенија со кои ќе се воспостави нормално функционирање на бизнисите, ефикасност на службите, транспарентност и предвидуваме мерки со што дополнително ќе се поттикне развојот на компаниите, а со тоа и локалниот економски развој, рече Арсовска.

Претставниците на Стопанската комора на северо-западна Македонија потенцираа дека меѓусебното разбирање и поддршката на бизнис заедницата, ќе доведе до континуиран раст на компаниите, што е заедничка цел. Пред кандидатката за градоначалник на Град Скопје, тие ја претставија платформата за локален економски развој, каде се наведени точки на кои е потребно да се работи, со цел да се создадат услови за непречена работа и развој на бизнис заедницата.

– Тоа што го бараме и што ни е неопходно е имплементирање и реализирање на платформата за локален економски развој. Точките врз кои е создадена оваа платформа доаѓаат од секојдневието и од тоа со што се соочуваат компаниите постојано. Потребна е континуирана комуникација и рамнотежа во условите за развој, да се работи по приоритетност и во временски рамки и целата општинска служба да се стави во функција на локалните бизниси, затоа што од економскиот развој зависи и нашиот опстанок, истакна Хоџа.

30.09.2021 - 13:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега