Арсовски: СДСМ да го каже ставот за една изборна единица

Сѐ уште го немаме слушнато ставот на СДСМ во однос на Изборниот законик. Од една страна, ги манипулираат нивните коалициски партнери и помалите партии дека се за предлогот една изборна единица, а од друга, се согласуваат дека техничката влада се покажа како неуспешна. Ова го истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, одговарајќи на новинарски прашања.

Тој оцени дека позициите на СДСМ по ова прашање се нејасни, а истовремено владејачката партија, како што рече, бега и од избори стравувајќи од пораз.

„Еве уште еднаш јавно прашуваме кој е ставот на СДСМ? Јасно и гласно да го кажат во однос на Изборниот законик и една изборна единица за конечно да прекинат да ги манипулираат своите коалициони партнери и помалите партии“, рече Арсовски.

Прашан и како ВМРО -ДПМНЕ гледа на формирањето работни групи со Бугарија, но и дали може двете држави преку економијата да ги решат отворените прашања, Арсовски рече дека не може со сигурност да се каже оти економијата ќе ги реши проблемите, но таа може навистина да ги приближи двете држави во овој сектор.

„Економијата може да ги приближи двете држави во однос на економскиот дел, во однос на соработка помеѓу компаниите, бизнис-секторот, стопанството и сѐ друго. Во однос на тоа дали ќе се решат проблемите на двете држави – не можеме да бидеме сигурни и да знаеме. Сепак, можам да бидам сигурен дека економската соработка помеѓу двете држави ќе им ги реши проблемите на илјадници граѓани што се без работа, кои немаат работа и, нормално, тоа може да иницира и отворање нови работни места, каде што ќе се решат горливи проблеми на граѓаните во однос на нивната егзистенција“, рече Арсовски.

21.01.2022 - 13:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега