Арсовски: Шекеринска и Димитров да ги објават сите плаќања од министерствата со кои тие раководат

На повидок е нов скандал овој пат со докази за профитерство на власта во услови на колективна здравствена и финансиска, економска криза. Скандалот профитерство на власта открива фрапантни податоци: Додека граѓаните и стопанството во Република Македонија се справуваат со пандемијата со коронавирусот и додека секој денар е важен во таа борба, Владата енормно троши, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

„За само 4 дена платени се 8 милиони денари од власта под ставка репрезентации, услуги во ресторани и патувања. Имено, тоа кое вчера го обзнанивме е само врвот од сантата мраз на неодговорното трошење. Тие 8 милиони денари за 4 дена, се потрошени на следен начин, за само 4 дена од 17 до 20 март, во екот на заразата кога стотици граѓани биле заразени и побарале здравствена заштита, кога нема доволно ресурси медицинските лица, кога нема доволно тестови за граѓаните за да се тестираат, биле потрошени 3 милиони 78 илјади и 300 денари на име на репрезентации од страна на функционерите на власта. Функционерите на власта изеле и испиле над 3 милиони денари во време кога ни се случува најголемата здравствена и економска криза. Или ако сакате по денови, 467 илјади денари на 17 март, 710 илјади денари на 18 март, еден милион и 440 илјади денари на 19 март и 459 илјади денари на 20 март.

Дополнително не се штедело ниту на трошоци на патувања во земјава и странство. Па така има потрошени вкупно 5 милиони 955 илјади 834 денари или 96.843 евра за патни трошоци, сместувања, хранарина и дневници. Речиси 97 илјади евра!

Во ова предничат неколку ресори, како на пример Министерството за надворешни работи на Никола Димитров со 1.457.517 денари и Министерството за одбрана на Радмила Шекеринска со 1.042.398 денари. Само по овие два основи се потрошени 8 милиони денари за само 4 дена! Бидејќи Шекеринска кажа дека не потрошила ниту денар преку министерството, ја повикуваме јавно како и нејзиниот колега Димитров да ги објават јавно сите плаќања од министерствата со кои тие раководат“, порача Арсовски.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

25.03.2020 - 13:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега