Арсовски за одлуката на Антикорупциска: Правдата ќе ја бараме на суд преку кривични за Џолев и Сандев

На самиот ден кога ја поднесов претставката и барањето за утврдување на судир на интереси кај судијата поротник Митко Сандев до Антикорупциска комисија, напоменав дека веќе очекуваме и знаеме каков ќе биде исходот, но сепак доставивме до институцијата барање за да може да си го обели образот, односно нема образ бидејќи се однесува како партиска испостава на власта, реагираше портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

– Одговорот, односно мислењето на Антикорупциска денеска стигна, каде што наведуваат дека нема судир на интереси кај Митко Сандев во неговата функција. Зошто поднесовме барање и претставка да се утврди судир на интереси, затоа што во Партијата на пензионери, Митко Сандев е член на статутарната комисија, а Партијата на пензионери е во коалиција со СДСМ и со власта. Тоа е доволен показател дека тој не може да одлучува непристрасно, дотолку повеќе што во ова штуро мислење на Антикорупциска комисија се наведуваат два членови. Тоа се член 42 дека може да биде избран судија поротник секој полнолетен државјанин кој има најмалку средно образование, говори македонски и не е постар од 60 години и вториот член 43, став 1 дека при изборот на судии и судии поротници не смее да се врши дискриминација во однос на полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло. Морам да напоменам дека оваа Антикорупциска комисија, нејзините членови покажа и докажа дека се подготвени да си дадат оставки бидејќи тие се само една испостава на власта и одлучуваат онака како што ќе им биде кажано од нивните ментори – рече Арсовски.

Член 52, став 6, од Законот за судии, додаде тој, јасно кажува дека судија поротник не може да биде избран доколку е политички определен, односно не смее да биде политички определен.

– Повеќе од јасно е зошто е вакво мислењето и одлуката на Антикорупциска. Тие се подготвени да си дадат оставки, бидејќи не одлучуваат согласно законот, туку согласно нарачките кои им ги праќаат од горе, како што и самите велат ќе чекаат мислење од горе. Она кое можам да го потенцирам е дека во Република Македонија не важат законите. Денешното мислење на антикорупциската е доволен показател за истото и доволен показател дека и понатака продолжува теророт врз ВМРО-ДПМНЕ. Односно оној политички прогон кој се врши врз ВМРО-ДПМНЕ, во случајот „Талир“ каде овој судија поротник е именуван, а треба да му биде прекината функцијата, е замрзнат имотот на ВМРО-ДПМНЕ. Нам не ни останува ништо друго освен да ја бараме правдата на суд, односно да поднесеме кривични пријави за господинот Иван Џолев кој е претседател на Кривичниот суд и за Митко Сандев кој е судија поротник – истакна Арсовски.

17.06.2021 - 14:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега