Австриската министерка за правда: Направивте болни компромиси, наша должност е да ви помогнеме за побрз влез во ЕУ

 

Министерот за правда, Кренар Лога, потпиша заедничка изјава со Министерката за правда на Австрија, Алма Задиќ.

Лога истакна дека се дискутирало за многу работи, како и дека ја конкретизирале понатамошната соработка.

„Дискутиравме за многу работи. Австрија е земјата што најмногу го поддржува нашиот пат за влезот во ЕУ. Денеска, потпишуваме заедничка изјава и ја конкретизираме нашата соработка за понатаму. Ја информирав амбасадорката дека работиме на многу предизвици и дека сме на вистинскиот пат да станеме членка на ЕУ”, изјави министерот за правдам Кренар Лога.
Австрија секогаш ќе биде рамо до рамо со Македонија за сè што е потребно.

Министерката за правда на Австрија, Алма Задиќ, ја изрази својата почит за сето она што Македонија до сега го има направено за да си го олесни патот за влез во европското семејство.

„Задоволство ми е да ѝ помогнеме на Северна Македонија да стане членка на ЕУ бидејќи оваа земја заслужува да биде дел од европското семејство. Сакам да ја изразам мојата почит за сето она што го направивте за да бидете дел од ЕУ, знам дека направивте и некои болни компромиси и тоа е нешто што мора да се вреднува. Наша одговорност како ЕУ и како Австрија е да ја поддржиме Северна Македонија и да ѝ помогнеме во следните чекори. Од големо значење е за нас целиот Западен Балкан, а најмногу Северна Македонија, да биде дел од ЕУ. Поради сето ова, драго ми е што денеска ја потпишавме заедничката изјава дека ќе ја зајакнеме и интензивираме соработката за реформи во правосудниот систем, кои се потребни за членство во ЕУ“, изјави австриската министерка за правда.

Таа додаде дека реформите во судството се услов за зајакнување на државата и е нешто што Северна Македонија е обврзана да го направи, особено во делот со корупцијата како би имале понатамошен прогрес.

29.03.2023 - 13:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа