Бајрамовска-Мустафа бара да се преиспита спроведувањето на физичката настава, Царовска вели дека протоколите се добри

Бараме да се разгледа предлогот за скратување на часовите и не гледам дека ова е мешање на Народниот правобранител во плановите на МОН и Комисијата за заразни болести, вели државната советничка на Народниот правобранител, Васка Бајрамовска-Мустафа

Имавме случаи на ковид-19 од надвор, но внатре меѓу учениците не се прошири вирусот. Тоа покажува дека протоколот е добар ако добро се спроведува, вели министерката Мила Царовска

-Децата носат заштитни маски по неколку часови во текот на денот и за тоа Народниот правобранител добил поголем број на поплаки од родители, дури имало реакции и од родители на деца со попреченост кои поради нивната здравствена состојба не смеат да носат маски, вели државната советничка на Народниот правобранител во вечерашната дебата на „360 степени“, Васка Бајрамовска-Мустфава.

Министерската за образование и наука, Мила Царовска, пак вели дека сите протоколи за наставата со физичко присуство биле изготвени од Комисијата за заразни болести и тоа врз основа на детални информации и бројки по возраст на децата и анализи за евентуална трансмисија на ковид-19 кај оваа популација.

-Има поплака од родител на дете со попреченост кое оди во инклузивно основно училиште, но неговото дете не смее да носи заштитна маска поради другите здравствени предизвици, а протоколот пропишува дека сите деца треба да носат маски. Дури и во Законот за заштита на населението од заразни болести посочено е дека децата со попреченост и да не носат маски, вели Бајрамовска-Мустафа.

Министерката пак, Царовска, вели дека ваквите индивидуални случаи се решавале секојдневно во координација со локалните самоуправи под чија надлежност се училиштата.

-Вакви поединечни случаи не треба да ја даваат генералната слика. Ние овие случаи ги решаваме поединешно со локалните самоуправи и со директорите на училиштата. Вакви поединечни случаи се појавуваат и се надминуваат на дневно ниво. Кај Народниот правобранител дошле може една, две или пет претставки, но училиштата се соочуваат со 240 илјади поединечни приказни и сите се различни. Имало ваков случај каде на дете со попреченост му е дозволено маската да не ја носи, тоа го решаваме на локално ниво, рече Царовска.

Бајрамовска-Мустафа посочи дека бројни поплаки стигнуваат од родители за тоа дека децата поминуваат долго време во училиште, со маска, на провев и тие предложуваат до МОН да ги разгледа овие поплаки заедно со Комисијата за заразни болести и да се скратат часовите.

-Укажуваме да се скратат часовите, бидејќи зависно во кое одделение се децата седат со маски по четири, пет, шест или седум часа, а имаат можност да ги тргнат маските само за време на одморите. Но, и тогаш, самите наставници кажуваат дека не можат да ги контролираат дали тие ќе имаат контакт меѓусебе. Затоа, бараме да се разгледа предлогот за скратување на часовите на сметка на одморите и не гледам дека ова е мешање на Народниот правобранител во плановите на МОН и Комисијата за заразни болести, рече Бајрамовска-Мустафа.

Царовска на ова возврати дека Комисијата за заразни болести ниту еднаш не укажала дека децата добиваат некакви здравствени потешкотии од носењето на маските.

-Во овие две и пол недели се покажа дека носењето на маските и проветрувањето на училиниците спречи интерна трансмисија на вирусот. Ние имавме случаи на ковид-19 од надвор, но внатре меѓу учениците не се прошири вирусот. Тоа покажува дека протоколот е добар ако добро се спроведува. Дополнително, Комисијата за заразни болести нема укажувања дека носењето на маските некако влијае на здравствената состојба на децата, рече Царовска.

17.09.2021 - 22:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега