Белата куќа за нападот на САД врз Иран: Им ја одзедовме способноста да направат нуклеарна бомба
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, денес изјави дека Иран е „непосредна закана“ и дека претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, е „првиот претседател кој има храброст всушност да преземе нешто во врска со тоа“.
Ливит изјави за ABC News дека американските напади му ја одзеле способноста на Иран да направи нуклеарна бомба, објави АП.
Замолена да ги коментира изјавите на Трамп синоќа во врска со промената на режимот во Иран, таа рече дека ставот на американскиот претседател и нивниот воен став не се променети.
„Претседателот едноставно постави прашање кое мислам дека многу луѓе ширум светот го поставуваат: Ако иранскиот режим одбие да се откаже од својата нуклеарна програма или да се вклучи во разговори... ако одбијат да продолжат со дипломатскиот дијалог, зошто иранскиот народ не треба да се крене против овој брутален терористички режим?“, изјави таа за Fox News.
Според неа, ова е прашање што го постави американскиот претседател синоќа, додека ставот на американската војска не се променил.
Ливит, исто така, рече дека од саботата навечер „до Иранците се испратени јавни и приватни пораки“.
Според неа, Трамп ќе инсистира членките на НАТО да ги зголемат своите трошоци за одбрана на самитот на НАТО, кој ќе започне утре, вторник.
Ливит рече дека Трамп ќе побара од членките на НАТО да ги зголемат своите трошоци за одбрана на пет проценти од БДП.
„Една од главните теми на дискусија ќе биде тој праг од пет проценти што нашите сојузници на НАТО мора да го достигнат“, рече Ливит.
Како што изјави таа, американскиот претседател ги повикува сојузниците на Америка во НАТО да сторат повеќе веќе некое време.
„Тој успеа да ги охрабри да сторат повеќе за време на неговиот прв мандат, а ќе го слушнете (американскиот) претседател како зборува за тоа на ова претстојно историско патување во Европа“, нагласи таа.
Американскиот претседател и неговите сојузници во НАТО треба да се сретнат утре на годишниот самит на НАТО, кој ќе се одржи во Хаг.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа