„Беса Транс“ од јануари повторно организира туристички тури за Истанбул

Туристичката агенција „Беса Транс“, чиј автобус пред три недели доживеа тешка сообраќајна несреќа во Бугарија и во која животот го загубија 45 македонски патници, повторно продолжува со организирање тури за Истанбул од јануари следната година, објави ТВ24.

Новинарска екипа од телевизијата се јавила на телефонскиот број на агенцијата, а оттаму одговориле дека турите за Турција продолжуваат од јануари, но дека сè уште немаат точни датуми за екскурзиите.

Трагичната несреќа се случи на 23 ноември, а инспекторите за транспорт сè уште не успеале да направат вонреден инспекциски надзор во агенцијата „Беса Транс“, бидејќи сопственикот на агенцијата бил недостапен.

Директорот на Инспекторатот за транспорт, Руфат Хусеини, во изјава за ТВ24 вели дека доставиле писмен допис до туристичката агенција со датум и време за вршење на инспекцискиот надзор.

– Вонредниот инспекциски надзор не е извршен бидејќи седиштето на ’Беса Транс‘ беше затворено. Новиот надзор согласно Законот за инспекциски надзор е закажан со писмен допис до ’Беса Транс‘. Исходот дали ќе се изврши надзорот зависи од тоа дали доставата ќе биде успешна – вели Хусеини.

А на прашањето дали и колкав рок има агенцијата да одговори на дописот на инспекторатот и дали ако не одговори ќе се бара асистенција од МВР, директорот вели:

– Кога надзорите се вршат на седиштето на фирмите, нема потреба од полициска асистенција.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР), пак, велат дека Инспекторатот досега не доставил никакво барање до полицијата во врска со случајот. Во меѓувреме, Бирото за јавна безбедност (БЈБ) почнало со вршење контроли на фирмите кои превезуваат патници.

– Бирото за јавна безбедност има отпочнато Оперативна акција на државно ниво, во рамки на која во содејство со други надлежни служби се вршат контроли околу начинот на добивање на целокупната потребна документација, која е неопходно да ја поседуваат фирмите кои вршат транспорт на патници — велат од МВР.

Во автобуската несреќа што се случи на 23 ноември во Бугарија животот го загубија 45 македонски државјани враќајќи се од екскурзија во Истанбул.

 

08.12.2021 - 20:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега