Бесплатен превоз во Куманово до 31 Октомври
Бесплатниот автобуски превоз во Куманово ќе продолжи до 31 октомври, годинава одлучи Советот на општината.
-За 26-те линии одвоени се 25 милиони денари за Куманово и 2,3 милиони денари за меѓуопштинскиот превоз помеѓу Куманово и Старо Нагоричане, изјави раководителката на секторот за комунални дејности, Лидија Ланг Спасовска.
Градоначалникот, Максим Димитриевски, рече дека Куманово е единствената општина во државата со бесплатен превоз, наменет за сите категории граѓани. Според него превозот просечно го користат од 13 до 16.000 граѓани. Димитриевски најави дека Куманово ќе добие дел од новите автобуси што ги набавува централната власт и очекува дополнително подобрување на услугите.
Воедно, пред советниците кажа дека Куманово е единствената општина што преку „Куманово Паркинг“ организира бесплатен јавен превоз не само на локално, туку и на државно ниво за спортските клубови.
Граѓаните што го користат превозот се жалат на повеќе патници на одредени релации и неклиматизирани автобуси. Дел од кумановци кои го користат пак велат дека некои ја злоупотребуваат мерката, се возат постојано и создаваат метеж.
-Стигнуваат такви реакции и кај нас. Има оставено броеви во диспечерскиот центар, ги повикувам да пријават и проблемите да се надминат, изјави Ланг Спасовска.
Опозицијата реагира дека одлуката е донесена пред одржување на изборите и уште еднаш побараа превозот да биде по строго утврдени критериуми.
Бесплатниот превоз го користат жителите од приградските средини, а дел од кумановци сметаат дека е прескап проект кој е во интерес исклучиво на жителите од неколку населби. Општината ја правда одлуката укажувајќи дека преку субвенционираниот превоз се ублажила енергетската криза, подобрен е на семејниот буџет со намалување на трошоци за оваа намена, намален е сообраќајниот метеж во централното градско подрачје и мерката има позитивни ефекти во однос на намалување на аерозагадувањето.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа