Бибер: Назадувањето сe уште не е дел од вокабуларот на Европската комисија

 

Извештаите на Европската комисија за напредокот на земјите од Западен Балкан во евроинтеграциите не даваат јасна слика за регионот и не покажуваат пад на демократијата и владеењето на правото, смета професорот на Универзитетот во Грац и координатор на Советодавната група за европска политика на Балканот, Флоријан Бибер.

Како што јави допсиникто на МИА од Белград, Бибер во авторски текст објавен во „ЕУ Обсервер“, вели дека што се однесува до владеењето на правото, извештаите јасно покажуваат дека е постигнат најмал напредок во Босна и Херцеговина, по што следи Србија, како и дека Албанија и Северна Македонија станале лидери во целокупниот напредок.

– Сепак, извештаите точно не нотираат назадување во неколку земји, вклучително и Србија и Албанија, за време на пандемијата, но и претходно. Се чини дека уназадувањето или регресијата се уште не се дел од вокабуларот на Комисијата, додава Бибер.

Дури и таму каде што е посочен проблем, смета тој, правниот лек е нејасен и благ.

Бибер оценува дека Ееврокомисијата во извештаите од оваа година успеала да ги прикаже проблемите во регионот подобро отколку во претходните извештаи, но дека сепак не успева прецизно да го покаже падот на демократијата и владеењето на правото во повеќето делови на регионот, без да анализира многу како да се постапи понатаму.

– На крајот, извештаите се ПР катастрофа за ЕУ на Западниот Балкан. Тие ја замаглуваат сликата давајќи премногу детали и премалку јасност. Со вакви извештаи, може да се очекува за многу години да се печатат илјадници страници виртуелна хартија за проширувањето кон Западен Балкан, смета Бибер.

Тој наведува дека европската интеграција е на ниско ниво на агендата во повеќето земји во регионот, а објавувањето на извештајот за напредокот на евроинтеграциите, од еден од најважните настани за засегнатите земји, стана „не-настан“, кој освен во Северна Македонија и Албанија, доби „млако“ внимание во остатаните држави од регионот.

Ова не се должи само на намалениот интерес за проширувањето, туку и на самото известувањето за тоа, оценува Бибер.

И покрај тоа што извештаите за оваа година се обемни и ги опфаќаат најважните настани, Бибер смета дека тие не даваат јасна слика за тоа како Европската комисија гледа на регионот.

Бибер оценува дека извештаите не ја прикажуваат целосно новата методологија, според која напредокот би бил поврзан со конкретни придобивки, а недостигот на напредок или назадувањето би имале последици.

– Толкувањето на целокупната слика е оставено на комесарот Оливер Вархеји, кој има блиски врски со унгарскиот премиер Виктор Орбан. Ова е пропуштена можност да се преформулира извештајот да биде појасен, а не само посеопфатен. Незадоволството на Европската комисија од владите во регионот, сепак, е појасно отколку што беше порано, смета Бибер.

За овој свој став тој како пример ја наведува Србија, за која во извештајот се вели дека „продолжила да ги декларира евроинтеграциите како своја стратешка цел“, јасно укажувајќи дека тоа во најголем дел повеќе е декларативно, отколку реално.

Според него, годишните извештаи на Еевропската комисија треба да бидат прилагодени на суштината на новата методологија, чија цел е процесот да се направи повеќе политички.

– Ова значи дефинирање на приоритетите, потенцирање на причините за недостатоци и проблеми и давање конкретни предлози за понатамошни чекори во процесот на пристапување, наведува Бибер во тексот, додавајќи дека извештите, кои се „најсеопфатниот инструмент на ЕУ за политичка проценка на земјите кандидати“, се недоволно искористени.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

16.10.2020 - 16:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега