Бисера Костадиновска Стојчевска: Нормално е проевропските партии да застанат заедно

Министерката за култура и потпретседателка на СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска смета дека е нормално, а и природно проевропски ориентираните политички партии да застанат на иста страна, во одбрана на стратешките интереси на граѓаните, како што се членството во ЕУ и НАТО.

-Ние сме во интензивни разговори со сите наши коалициски партнери, како и со други политички субјекти кои немаат дилема околу европската интеграција – ги следиме анализите, бројките, очекувањата на граѓаните и сметам дека заедно со нашите партнери ќе го направиме чекорот кој е најзаштитнички кога се во прашање граѓаните и европската перспектива на земјата за подобро утре, вели Бисера Костадиновска Стојчевска во интервју за Прес 24.

Потенцира дека изборот на Талад Џафери за технички премиер е дел од политичкиот договр СДСМ-ДУИ, и очекува тој да одговори на предизвикот без проблеми.

-Ние сме одговорна партија која нема да игра на картата на национализмот и популизмот. Најлесно е да растурите политички договор со коалиционен партнер со цел ете можеби да добиете некој политички поен плус, но каде ќе ја одведе тоа државата? Ние сме за градење сојузи кои можат цврсто да одговорат на предизвиците и да се спротистават на анти-демократските центри чија цел е да го напуштиме зацртаниот европски пат, вели Костадиновска Стојчевска во интервјуто.

Очекува уставните измени да бидеат една од главните точки на кампањата, а причината за тоаа ја лоцира во неодговорната опозиција.

- ВМРО-ДПМНЕ очигледно не е на чисто на државната и национална западно-демократска определба и токму поради тоа избегнува да понуди решенија за европската интеграција – тие не предлагаат ништо бидејќи немаат решенија. Тие водат кампаи на национализам наместо да зборуваат за повисоки плати, пензии, за енергетски политики и за социјални мерки. Бидете сигурни дека на изборите гласовите од граѓаните ќе ги бараат со заплажувања за бугаризација, губење на идентитет, со ветувања за нереални промени на преговарачката рамка. Но, граѓаните се многу мудри, вели потпретседателката на СДСМ и Министерка за Култура, Бисера Костадиновска Стојчевска во интервјуто за Прес 24.

 

ПРЕС24: Македонија ја одбележа 152 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, овој пат без некои големи меѓудржавни тензии, како што тоа беше изминативе две години. Дали тоа може да биде знак за нормализирање на односите?

КОСТАДИНОВСКА-СТОЈЧЕВСКА: Да, оваа година мирно и достоинствено ја одбележавме 152 годишнина од раѓањето на великанот и наш национален херој, Гоце Делчев, онака како што доликува на две соседски држави кои промовираат европски вредности. Ова е позитивен знак дека провокациите и реториките од страна на радикални поединци и групи кои имаат за цел да предизвикуваат револт и тензии кај граѓаните не наидуваат поддршка од мнозинското население во Северна Македонија и Бугарија. Треба да имаме предвид дека интензитетот на тензиите беше најголем кога Бугарија се соочуваше со тешка политичка криза и кога на прашањето Македонија и на нашата европска интеграција се собираа политичките поени. На ова ако се додадат и стравовите кои ги сееа ВМРО-ДПМНЕ и Левица дека сме останале без македонски јазик, идентитет и дека сме биле под бугарски диктат, лесно може да се заклучи дека радикалните националистички политики не носат ништо освен конфликти, тензии, неизвесност и состојба на немир за граѓаните. Таквите политики може да одат во прилог само на оние кои сакаат да ја кочат Северна Македонија на патот кон ЕУ и на кои не им одговара Македонците и македонскиот јазик да се дел од ЕУ.

Сметам дека најважна е меѓусебната комуникација и соработка и пристапот во неа. Важно е да пратиме  порака дека во интерес на двете држави е напредокот на Северна Македонија кон ЕУ и дека меѓусебното почитување и зближување на двата народи носи придобивки на граѓаните од двете страни на границата.

Сме покажале изминатите години дека кога двете страни работиме во духот на добрососедството и европските вредности и принципи доаѓаме до решенија на отворените прашања и никој не излегува како губитник, напротив сме добиле и како држава и како граѓани. Верувам дека уставните измени ќе се случат час поскоро после избори, а Бугарија ќе даде конкретна и јасна поддршка на нашата евроинтеграција и како сосед, членка на ЕУ, ќе помогне во забрзување на процесот.

ПРЕС24: Уставните измени веројатно ќе бидат една од главните точки на претстојните избори. Битката е дали може да се дојде до власт која ќе обезбеди мнозинство за тој процес?

КОСТАДИНОВСКА-СТОЈЧЕВСКА: Неодговорноста кон државата, инаетот и политикантството на ВМРО-ДПМНЕ не само што ги стави граѓаните повторно во неизвесност, туку го стави прашањето за уставните измени и европската интеграција како точка на претстојните избори. Наместо да застанат пред народот со јасна понуда и со решенија, опозицијата одново избра да води националистичко политиканство на сметка на европската иднина на државата и да добива гласови на лаги за уставните измени.

Една од причините за која постојано ги повикувавме да ги изгласаме уставните измени пред избори беше да избегнеме ситуација во која изборна тема ќе биде нашата стратешка цел која сме ја дефинирале уште од осамостојувањето на Македонија.

Но, ВМРО-ДПМНЕ очигледно не е на чисто на државната и национална западно-демократска определба и токму поради тоа избегнува да понуди решенија за европската интеграција – тие не предлагаат ништо бидејќи немаат решенија. Тие водат кампаи на национализам наместо да зборуваат за повисоки плати, пензии, за енергетски политики и за социјални мерки. Бидете сигурни дека на изборите гласовите од граѓаните ќе ги бараат со заплажувања за бугаризација, губење на идентитет, со ветувања за нереални промени на преговарачката рамка. Но, граѓаните се многу мудри. Тие знаат да пратат јасна порака ако нешто од ветеното се реализирало, но бидете сигурни дека нема да дозволат ВМРО-ДПМНЕ, партијата со црно минато која не успеа ништо да промени кај себе одново да ни ја носи државата во провалија. Има ова наше општество и сила и сојузници кои ќе ја спречат радикалната опозиција да донесе немир во државата.

Со вакво деструктивно делување, со ширење дезинформации и паника кај граѓаните, без понуда и реални политики од страна на ВМРО-ДПМНЕ, мнозинството во идната влада ќе го има европскиот фронт предводен од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Преговорите со ЕУ и реформите ќе продолжат, платите и пензиите ќе продолжат да растат, граѓаните ќе бидат и натаму заштитени од ценовни шокови. Ќе продолжиме да си ја негуваме и промовираме македонската култура и дома и надвор, како наша идентитетска посебност и гордост.

ПРЕС24: Каде е во моментов СДСМ, поблиску до заедничка предизборна коалиција со ДУИ и Алијанса, или поблиску до самостоен настап на изборите?

КОСТАДИНОВСКА-СТОЈЧЕВСКА: Јасно е според последните политички случувања дека проевропските сили во политичките субјекти ќе си бараат свои сојузници на претстојните избори. Како што наближува датумот за распишување на изборите станува сè поочигледно дека на овие избори ќе има две дијаметралн спротивни понуди, од кои ќе зависи правецот на развој и иднината на државата во следните 10 години.

СДСМ од секогаш била отворена за коалицирање со партии со кои делиме исти вредности и изборни програми во интерес на државата и граѓаните. Нормално е, а и природно проевропски ориентираните политички партии да застанат на иста страна, во одбрана на стратешките интереси на граѓаните, а тоа е нашето членство во најсилните и најдемократски сојузи во светот, ЕУ и НАТО. Ние сме во интензивни разговори со сите наши коалициски партнери, како и со други политички субјекти кои немаат дилема околу европската интеграција – ги следиме анализите, бројките, очекувањата на граѓаните и сметам дека заедно со нашите партнери ќе го направиме чекорот кој е најзаштитнички кога се во прашање граѓаните и европската перспектива на земјата за подобро утре. При тоа, нема да носиме избрзани одлуки. Со оглед на последните превирања во Алијанса ќе треба да почекаме уште малку тие да си разјаснат по кој пат ќе продолжат, пред да се продолжи со носењето натамошни одлуки.

ПРЕС24: Ако се читаат првичните реакции по изборот на Талат Џафери за технички премиер, се чини дека тоа му носи на СДСМ доста негативни поени?

КОСТАДИНОВСКА-СТОЈЧЕВСКА: Изборот на премиер Албанец кој ја води техничката владата во период од 100 дена пред избори е политичко решение односно договор со кој се формираше владата во 2020 година. Сметам дека Талат Џафери беше одговорен претседател на Собранието, а ќе ве потсетам дека истиот Џафери беше и министер за одбрана во владата на ВМРО-ДПМНЕ во периодот 2013 – 2014 година.

Ние сме одговорна партија која нема да игра на картата на национализмот и популизмот. Најлесно е да растурите политички договор со коалиционен партнер со цел ете можеби да добиете некој политички поен плус, но каде ќе ја одведе тоа државата?

Ние сме за градење сојузи кои можат цврсто да одговорат на предизвиците и да се спротистават на анти-демократските центри чија цел е да го напуштиме зацртаниот европски пат. Затоа, апелирам, да мислиме на државата и на нашата стабилност, да постапуваме мудро и одговорно во интерес на граѓаните и да одолееме на стапиците за меѓуетнички вжештувања. За техничкиот премиер Џафери, сигурна сум дека како и досега одговорно и со должна почит ќе ја извршува функцијата, без да остави простор на никого да фрли дамка на изборниот процес. Во тоа ќе му помогнеме сите членови во оваа влада.

ПРЕС24: Дефинирано ли е веќе во СДСМ дали Стево Пендаровски заслужува поддршка за уште еден мандат?

КОСТАДИНОВСКА-СТОЈЧЕВСКА: Идниот кандидат за претседател на државата СДСМ ќе го бира демократски, преку веќе дефинирана процедура. Пендаровски е веќе докажан во она што го работи и како ја извршува неговата должност, покажа како треба да се работи за интересот на сите граѓани, го врати кредибилитетот на функцијата Претседател и сметам дека неговите политики и визија во застапувањето на државата се препознаени и од граѓаните. СДСМ за претседател на државата ќе кандидира победнички профил на кандидат, за кој сметам дека Пендаровски повторно ги исполнува условите. Конечната одлука ќе се носи во претстојниот период од страна на партиските органи и се разбира во директна консултација со нашите коалициони партнери.

Убедена сум дека ќе го понудиме најдобриот кандидат во трката за претседател, кој ќе биде силен столб на победата на европскиот фронт.

ПРЕС24: Неодамна помина Законот за употреба на македонскиот јазик. Каков ефект очекувате во пракса?

КОСТАДИНОВСКА-СТОЈЧЕВСКА: Сакам накусо да појаснам дека новиот Закон за употреба на македонскиот јазик е јасен и прецизен одговор на новите предизвици кои бараат зголемена, организирана и системска грижа на државата за правилна употреба на македонскиот јазик и на неговото кирилско писмо.

Во една широка и транспарентна дебата, изработивме современо правно решение, кое што нуди одлични решенија за унапредување на состојбите во јазикот. Во изработката беа вклучени голем број на поединци и институции, извонредни познавачи на македонскиот јазик, кои дадоа голем придонес и со своите искрени намери покажаа како се сака, чува и брани темелот на нашиот идентитет.

Во пракса очекувам позитивни ефекти, особено поради фактот што со Законот се прецизираат и се прошируваат сферите во кои е задолжителна употребата на македонскиот јазик (во законодавната, извршната и судската власт и во дипломатско-конзуларните претставништва, во локалната самоуправа, во јавните установи и претпријатија и сл.).

Законот предвидува задолжително лекторирање на сите материјали со објавување на лекторот и задолжително вработување на лектори по македонски јазик во сите јавни институции и органи на власт, нешто што гарантира дека ќе се зголеми интересот за студирање македонски јазик.

Законот предвидува формирање на Инспекторат за употреба на македонскиот јазик, тело во состав на Министерството за култура, кое  има обврска да ја следи правилната употреба на македонскиот јазик. Интензивно коминицираме со Инспекцискиот совет и со Министерството за правда и наскоро ова тело ќе се екипира со стручни кадри и ќе започне да функционира. Се надевам дека механизмите на контрола ќе бидат мотив, а не пречка во унапредувањето и правилната употреба на македонскиот јазик.

Од овој закон поизлегува и важната иницијатива за стипендирање ученици од четврта година средно образование и на додипломски, магистерски и докторски студии, со што се прави голем исчекор кон мотивирање на младите за проучување на македонскиот јазик.

Задоволна сум што овој закон како да ја потврди нерелевантноста на една теза која често ја слушавме за загрозеноста на македонскиот јазик. Имаме генерации македонисти кои низ многу истражувања и вредни научни трудови го штитат, промовираат и ја етаблираат посебноста на македонскиот јазик низ светот.

Сите ние, институциите, образовниот систем, медиумите, семејството имаме заедничка одговорност и обврска да ја развиваме свеста од потребата за правилна употреба на стандардниот македонски јазик. Сите можеме и мораме да дадеме придонес кон заштитата на нашиот јазик, симболот на нашиот културен идентитет и национална гордост.

ПРЕС24: Во мандатот како министерка за култура на што најмногу посветивте енергија и колку од тоа мислите дека е успешно реализирано?

КОСТАДИНОВСКА-СТОЈЧЕВСКА: Мојата визија и заложба при стапувањето на позицијата беше дека инвестирањето во културата никогаш не е трошок, туку е влог во националниот идентитет.

Ќе наведам само мал дел од широкиот спектар на т.н. инвестиции во културата, кои верувам дека ќе останат како трајни инвестиции кои го чуваат и афирмираат македонскиот идентитет и култура.

Вложивме 32.8 милиони денари за обнова на старото училиште во Љубојно, кое ќе прерасне во Центар за промоција на македонскиот јазик. Оваа година се обезбедени 120 милиони денари за реконструкцијата на Универзалната сала, со што, се надевам дека до 2027 година ќе добиеме уште еден концертен подиум, неопходен за целата музичко-сценска уметност.

За заштитата на вредната црква „Свети Ѓоргија“ во Курбиново, само изминатава година издвоивме над 5.5 милиони денари, а поддржани се и многу други проекти преку кои го заштитуваме нашето културно наследство. Годинава го вративме културното наследство во македонските цркви и манастири, а тече постапката за реституција на други вредни предмети.

Имаме 900 милиони денари вложено во последниве две години за санација, реконструкција, градба на објектите на националните установи во повеќе градови.

Направен е многу сериозен исчекор во вреднувањето на културните работници. Обезбедивме за 43 проценти повисоки плати во културата, а од 2022 година, континуирано ги предвидуваме зголемувањата на платите на вработените во културата и од минатата година обезбедуваме пари за К-15.

Во последниве три години формиравме 8 нови национални установи. Секоја од нив на свој начин носи бенефит за градот, местото во кои функционираат, но и на ниво на државата, ги стимулираат младите и отвораат нови можности за современата сцена.

За прв пат во Министерството за култура минатата година обезбедивме средства за заштитата и санацијата на спомениците од НОБ и Револуцијата, кој продолжува и во 2024.

Преку конкурсите „Цртај на македонски“, „Култура во лето“ ги поттикнуваме младите да творат на македонски јазик и отвораме нови можности за поддршка и презентација на талентот на младите уметници.

Минатата година беа обезбедени 40 милиони за општините во рамки на Програмата за капитални дотации во областа на културата за 2023 година, наменети за локалната самоуправа. За оваа година обезбедивме поголем буџет, во износ од 50 милиони денари, со тенденција да расте секоја година. Имаме многу планови, но особено е важно што како и досега, така и во наредиот период продолжуваме со проекти кои подразбираат вистинска грижа и унапредување на културата и културните вредности.

Ја продолжуваме интензивната соработка со УНЕСКО и посветено работиме заштита на Охридското езеро и Охридскиот регион, особено по одлуката Охрид да остане на листата на Светско културно и природно наследство со исклучителна универзална вредност.

Охрабрени сме од оваа Одлука бидејќи Комитетот ги уважи заедничките напори на Република Северна Македонија и Република Албанија, со која ги споделуваме природните убавини на овој уникатен регион, но еднакво и одговорноста за Охридското езеро и богатото културно наследство. УНЕСКО е драгоцен пријател и на Охридскиот Регион. А во времето што доаѓа, секое пријателство е како бисер. Таков каков што е нашиот Охридски Регион.

Останува престижниот статус, но остануваат и препораките за негово зачувување. Препораките не се лесни и нивното реализирање бара наше целосно внимание. За да постигнеме успех во тоа, неопходно е секој да го понесе својот дел од обврските – и централната власт и локалната самоуправа и установите и граѓаните.

ПРЕС24: Што и недостасува на македонската култура денес?

КОСТАДИНОВСКА-СТОЈЧЕВСКА: Македонската култура е препознаена и докажана во светот. Има длабока традиција, дострели кои се впишани во историјата на европската уметност. Нам не ни недостасуваат идеи, инспирации, вмрежувања со регионот, ние тоа го имаме и добро го владееме. Но, секогаш можеме подобро, и на тоа работиме. На осовременување, на пример, со управувањето на културното наследство. Одржливоста на културното богатство е сложена тема на која работи светот долги години наназад, како и развојот на културните индустрии кои носат бенефит за развојот на културата, но и за туризмот и економијата на државата. Културата го негува нашиот идентитет и посебност, но таа неминовно учествува и во исполнување на евроспките вредности за поврзување и дијалог, за хуманизација на просторот, за подобар квалитет на живот за секој граѓанин. Тоа се насоките и визиите за македонската култура како нераскинлив дел од европската мапа, а се надоврзуваат на нашето секојдневно дејствување во државата и афирмација на македонската уметност на голем број светски релевантни настани.

За овие прашања посветивме големо внимание и во Стратегијата за културата до 2027 година во која ги интегриравме сите сектори како образование, наука, економија, туризам, културната дипломатија што сето заедно ќе ни обезбеди услови за осовременување на културата и нејзина трансформација по европските принципи.

06.02.2024 - 09:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега