Бизнисмени од Турција на средба со македонски фирми

 

Околу 20 компании од Адијаман, источна Турција, денеска ќе имаат директни средби со македонски фирми на бизнис форум што го организира Стопанската комора на Македонија - Турција (МАТТО).

Како што соопшти МАТТО, целта на посетата на бизнис-делегацијата од Адијаман е запознавање со можноста за соработка во прехранбениот сектор, текстилот, градежништвото, рударството, опремата за различни индустриски сектори, хотелиерството и туризмот, како и скенирање на деловната и инвестициската клима во Македонија, Србија и Косово. 

Адијаман се наоѓа на реката Еуфрат во југоисточна Турција и е дел од проектот „Патот на свилата“. Во него се застапени повеќе индустрии: прехранбена, текстилна, конфекција, експлоатација на камен и други неметали, метална и металнопреработувачка, нафта и природен гас, производство на производи од пластика и гума, производство на мебел,... Располага со железна руда, мермер, јаглен и сурова нафта. Од вкупните потреби на сурова нафта во Турција, 70 отсто се експлоатираат во регионот на Адијаман.

Трговско-индустриската комора на Адијаман е основана 1984 година, брои 3.700 членови и има 18 професионални здруженија. Во нејзини рамки функционира и Стоковата берза на Адијаман.

На бизнис форумот ќе присуствуваат претседателот на МАТТО Ајдован Адемоски, неговиот заменик и сопственик на ТУРМАК Есер Џевахир и шефот на трговското претставништво на Турција во Македонија Буњамин Кутлу.

 

 

 

26.07.2017 - 08:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа