Блокадата на Собранието според опозицијата ефикасна, за власта неуспешна

Работата на Собранието на Република Северна Македонија изминатите три дена се одвива со најавените активности на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за активна блокада, преку реплики, барања за промени на дневниот ред, процедурални забалешки… По такви дводневни активности завчера вечерта во тензична атмосфера беше усвоен дневниот ред на 71 седница, по што од владејачката СДСМ оценија дека блокадата на опозицијата е неуспешна, но од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека таа е ефикасна и најавија нејзино продлжување се до постигнување на целта – одржување предвремени парламентарни избори. Од двете партии изнесоа меѓусебни обвинувања за неработење и неодговорност кон државата и граѓаните.

-Блокадата на Собранието создадена од ВМРО-ДПМНЕ нема да доведе до предвремени парламентарни избори. Парламентарни избори ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година, рече вчера на прес-конференција  Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ и коалицијата.Тој најави дека ќе направат се што е во нивна можност, се што предвидува во Деловникот, Собранието да не биде блокирано. -Ние ќе примениме се што е пропишано со Деловникот и ништо надвор од тоа. Вчера гледавте и бевте сведоци вие и целата македонска јавност дека качувањето горе на бината каде што претседателот ја води седницата впрочем е напад на функцијата претседател. Очигледно е дека намерата е да се предизвика инцидент. Тоа нема да го дозволиме. Нема да дозволиме да се вратат слики од минатото, но ќе ги примениме сите деловнички можности за да се одблокира работата на Собранието, рече Митревски, порачувајќи дека во време на најголема светска економска и енергетска криза, Собранието мора да биде функционално и ефикасно да носи решенија во интерес на граѓаните и заштита на нивниот стандард.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски, пак ги обвини пратениците од СДСМ дека не си ја заработуваат ниту платата, истакнувајќи дека во период од јули до декември минатата година, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ имале три пати повеќе активности од тие на СДСМ. Бројките од активностите во Собранието, како што рече, покажуваат дека пратениците од СДСМ и ДУИ не си ја работат работата и не си ја заработуваат ниту платата.

13.05.2022 - 09:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега