Богдановиќ: Во црква држевме растојание, зар да останеме невенчани, ситуацијата со болеста може ќе трае три години

Министерот за здравство Венко Филипче вчера кажа дека ги осудува свадбите на градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ на Косово и на внуката на поранешниот пратеник Амди Бајрам во Истанбул. Филипче рече дека политичарите треба да се пример за граѓаните кога станува збор за почитување на мерките, а не сред пандемија да прават свадби.

„Апсолутно ги осудувам свадбите кои се случија викендов. Ние сме тие кои треба да дадеме пример за граѓани, особено во услови кога секој ден имаме голем број новозаболени и болничките капацитети се полнат“, рече Венко Филипче одговарајќи на новинарско прашање.

Во изјава за СДК.мк пак, Богдановиќ кажа дека биле испочитувани сите протоколи за држење на растојание, единствено мерките не биле испочитувани кога требало да се направи заедничка фотографија со нивните најблиски.

„Можеби пандемијата ќе трае три години, зар три години да останеме невенчани!? Нигде не се забранети црковни венчавки, ниту во Македонија. Имавме само 25 најблиски гости, родителите, кумовите и старосватите. Не правевме свадбена веселба, само се венчававме. Во црква цело време држевме растојание, единствено тоа не беше испочитувано кога правевме заедничка фотографија за спомен од овој ден“, вели Богдановиќ.

Градоначалникот на Општина Центар завчера правеше венчавка во српски манастир во Грачаница, Косово. На фотографиите и видеата се гледа дека на венчавката присуствуваат околу 30 гости и никој не носи маска.

Поранешниот пратеник Амди Бајрам во саботата правеше свадба за внуката во Истанбул, на која имаше над 200 гости.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

20.10.2020 - 09:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега