Богоев со поддршка за Весковски: Моја беше одлуката да не одам на втор мандат во Карпош

Актуелниот градоначалник на Општина Карпош, Стефан Богоев, вели дека тој уште пред неколку месеци пред раководството на СДСМ посочил оти нема амбиции за втор мандат, но најавува дека ќе биде дел од централната власт. По денешната потврда од СДСМ за кандидати за градоначалници за неколку општини, Богоев му изрази поддршка на Душко Весковски за Карпош.

-Верувам дека Дуле нема да отстапи од програмските определби за заштита на животната средина, планска и хумана урбанизација (дисперзирање на градбата од урбаното јадро кон периферијата), заштита на јавниот простор, интензивно одржување на јавната хигиена. Впрочем, заедно, за овие цели се залагавме и во кампањата за локалните избори во 2017 година. Посакувам Карпош и следната година да биде најтранспарентна општина и државна институција, затоа што само тоа е одраз дека корупцијата се искоренува, а граѓаните се дел од носењето на одлуките, напиша Богоев на својот профил на Фејсбук.

Богоев вели дека иако на анкетите од членстовото на партијата и од јавноста бил убедливо прв, одлуката да не оди на втор градоначалнички мандат била лично негова.

-Имам енергија, искуство и знаење успешниот пример од Карпош да го пренесам и во друга институција. Со тим на луѓе, програма за работа и зацртани цели може да продолжиме да ги менуваме работите. Еден лик не ја прави општината. Таа е мозаик од секој еден службеник/службеничка. И не сметам дека треба трагично да се сфаќа оваа одлука. За жал, како држава губиме многу време на калкулации и прогнози каде ќе продолжи нечија кариера. Не е ‘крај на свет’ ако не сакаш да се кандидираш за втор мандат, за градоначалник, премиер, претседател и сл. Здраво е, нормално е. Важно е да создаваме систем, кој нема да подлежи на сериозни промени при политичките и персонални ротации, напиша Богоев.

25.08.2021 - 22:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега