Борел организираше вечера за балканските лидери во Њујорк

Високиот претставник за надворешна политика и безбедност, Џозеф Борел, приреди неформална вечера на маргините на Генералното собрание на ОН со лидерите на Западен Балкан на која се разговараше за ситуацијата во регионот и односите помеѓу ЕУ и Западен Балкан, како и подготовките за самитот на почетокот на октомври.

На вечерата станало збор и за очекувањата во врска со пристапувањето во ЕУ.

„Високиот претставник ја подвлече потребата од силна посветеност на партнерите од Западен Балкан и Европската Унија и нејзините земји членки во надминување на сегашната динамика и придвижување на процесот“, се вели во денешното соопштение на Европската канцеларија за надворешни работи.

На синоќешната средба присуствуваа претседателите на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, на Северна Македонија, Стево Пендаровски, и на Косово, Вјоса Османи, претседателот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ, премиерот на Албанија, Еди Рама, и министерот за надворешни работи на Србија, Никола Селаковиќ.

Тоа беше втора средба со лидерите на Западен Балкан, организирана од високиот претставник, по неформалната вечера во Брисел во мај, се додава во соопштението.

Макфакс

22.09.2021 - 16:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега