Борисов: Замислете си дека сте Македонци и дека соседот ве блокира

Стратешка цел на Бугарија е членство на Македонија и Албанија во Европската Унија, изјави денеска поранешниот бугарски премиер и лидер на Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) Бојко Борисов на средба со претставници на подмладокот на неговата партија.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, информирајќи дека разговарал со македонскиот премиер Зоран Заев, Борисов нагласи дека Договорот за добрососедство и пријателство од 2017 година е основа на односите на Бугарија со Република Македонија

Борисов на средбата со партискиот подмладок оцени дека начинот на кој техничката Влада на Бугарија и бугарскиот претседател Румен Радев сега преговараат со Македонија може да доведе до лош резултат за Софија или „ќе предизвика двете најблиски земји и нивните народи да се мразат во наредните децении“.

Тој апелираше до младите да сторат се што е можно со цел сегашните и идните генерации да не се мразат меѓусебе, при што го обвини Радев дека ја поделил Бугарија, предизвикувајќи поделби во општеството по прашањето за Македонија.

Борисов истакна дека мисли оти сегашните власти во Софија лажат, но повика да се почека до Европскиот совет, кој ќе се одржи на 24 и 25 јуни.

– Пред тоа е Самитот на НАТО. Се надевам дека имаат храброст и вештини да ги водат преговорите што ќе ги направат двата народа на овие две соседни земји најпријателски, изјави Борисов.

Тој оцени дека во последните четири години, додека ГЕРБ беше на власт во Бугарија, неговата земја била лидер на Балканот.

Од младите партиски колеги побара да се стават во позиција на Македонците.

„Замислете си дека вие сте Македонци. И соседите, најблиските луѓе ви велат: ‘Нема да одите во Европската Унија. Нема да одите таму'. Дали ќе нѐ сакаат? И затоа се обидуваме со Зоран Заев, и со Стево Пендаровски, се разбира, да направиме така што работите ќе тргнат од долу нагоре. Да, историјата е исклучително важна. Но, оставете историчарите да си ја завршат работата“, порачува Борисов.

14.06.2021 - 10:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега