Божиновска на „Козјак“: Пример за стратешко инвестирање во обновливи извори на енергија

 


Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, ја посети хидроелектраната „Козјак“, каде што се информираше за тековното функционирање на капацитетот, безбедносните стандарди, како и можностите за понатамошно унапредување на производните перформанси.

Хидроелектраната „Козјак“, која е дел од производниот систем на АД „ЕСМ“, располага со инсталирана моќност од 80 мегавати и служи како еден од клучните столбови за производство на електрична енергија од обновливи извори, но и како заштита од поплави на сливот на реката Треска.

„Со формирањето на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, затекната беше исклучително тешка хидролошка состојба. Нивото на водостојот во акумулациите беше под алармантни 4%, што сериозно ја загрозуваше енергетската стабилност на државата. Но, преку одговорно и домаќинско менаџирање, координација со институциите и стратешко планирање на производството, денес состојбата е значително подобрена. Последните податоци покажуваат дека водостојот во акумулациите надминува 50% – јасен показател дека системот се стабилизира“, рече Божиновска.

Министерката истакна дека „Козјак“ претставува значаен дел од енергетскиот систем кој има повеќекратна функција.

„ХЕ ’Козјак‘ е пример за одржлива инвестиција – произведува чиста енергија, штити од поплави и позитивно влијае на локалната микроклима. Овој капацитет ја покажува вредноста на стратешкото планирање во енергетиката“ изјави министерката Божиновска.

За време на посетата, министерката беше информирана од страна на раководството на ХЕ „Козјак“ и претставниците на АД „ЕСМ“, дека објектот се одржува согласно највисоките безбедносни и еколошки стандарди, со редовен мониторинг на состојбата на браната, нивото и квалитетот на водата, како и биодиверзитетот во езерото.

Министерството за енергетика најавува дека во следниот период ќе се работи на подготовка на студии за можни подобрувања: зголемување на капацитетот, подобрена автоматизација и воведување на нови технологии за управување со резервите на вода.

„Ќе продолжиме со инвестиции во модернизација на постојните капацитети и во развој на нови проекти од хидроенергетиката. Нашата цел е јасна: стабилен, чист и независен енергетски систем“ нагласи министерката Божиновска.

20.06.2025 - 16:17

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега