Брнабиќ: Преспанскиот договор е добар пример за тоа како би се решиле работите со Приштина

Премиерката на Република Србија Ана Брнабиќ на Делфи економскиот форум во Атина во разговор со главниот уредник на весникот „Катимерини“ Атанасиос Елисомна на прашањето за Преспанскиот договор, нагласи дека Србија веднаш го поддржала тој договор, истакнувајќи дека тоа било добра вест, што и овозможило на Македонија да го продолжи својот европски пат, јави дописникот на МИА од Белград.

-Знам дека просперитетот на мојата земја е невозможен без просперитет на целиот регион. Затоа, мене како премиер на Србија, ми е важен напредокот на сите во регионот, подеднакво важен како и напредокот на мојата земја, изјави таа.

Како што соопштија од српската Влада, Брнабиќ посочила дека Преспанскиот договор докажал и дека историски тешките прашања можат да се решат преку дијалог, што е исто така, важно и за дијалогот со Приштина.

-Договорот од Преспа е добар пример за тоа како се надеваме дека работите ќе се решат со Приштина, изјави Брнабиќ, нагласувајќи дека документот покажува и оти, штом се постигне компромис, сите треба да го прифатат.

Премиерката на Србија, Брнабиќ, денеска на маргините на Економскиот форум Делфи се состана и со премиерот на Црна Гора, Здравко Кривокапиќ.

Пред официјалната средба со Кривокапиќ, за време на паузата на Форумот, Брнабиќ имаше краток разговор со премиерот на Македонија, Зоран Заев, поранешниот грчки премиер, Алексис Ципрас, и на нив им се придружил и премиерот на Црна Гора.

Брнабиќ во Атина учествуваше на Делфи форумот, а претходно разговараше со премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис и со претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

13.05.2021 - 15:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега