Бугарската државна телевизија за вечерва најави документарец за убиени Бугари во Македонија, но го повлече од програмата

Документарниот филм „Само затоа што беа Бугари“, во кој се пренесуваат сведоштва за убиства на Бугари во Македонија кон крајот на Втората светска војна, беше најавен на програмата на Бугарската национална телевизија (БНТ) за во ударен термин вечерва, но доцна попладнето тој беше симнат од програмската шема и заменет со друг филм, пишува „360 степени“.


Најавата за филмот снимен пред 20-ина години, во кој се пренесуваат сведоштва за ликвидации на Бугари во Македонија во текот на јануари 1945 година, била објавена на веб-страницата на телевизијата во текот на денот. Документарецот многупати бил прикажан на бугарската телевизија, а во политичките кругови во Софија најавата за вечерашното прикажување се коментирале со теза дека некој во БНТ очигледно ја саботира посетата на македонскиот премиер Димитар Ковачевски, па и новиот пристап во решавањето на меѓудржавниот спор, кој сака да го промовира бугарскиот премиер Кирил Петков.


Со темата од документарниот филм е поврзано едно од т.н. пет плус едно прашање – она за бугарското барање за рехабилитација на жртвите на комунизмот. Во денешното интервју за телевизијата БТВ, министерот за надворешни работи Бујар Османи потсетува на Декларацијата што македонското Собрание ја донесе во 2006 година со извинување до семејствата на жртвите на комунизмот и вели дека државата сега е подготвена да ја реафирмира таа декларација, но и да дозволи пристап до архивите, отворање на поединечни случаи, па дури и нивно судско процесуирање, ако тоа го дозволуваат законите.

Во пресрет на утрешната заедничка седница на владите на Бугарија и на Северна Македонија, денеска попладне во Софија пристигна висока македонска делегација предводена од премиерот Ковачевски. Беше организиран дочек со највисоки почести на плоштадот „Александар Невски“, по што двајцата премиери положија венци на Споменикот на незнајниот јунак.

24.01.2022 - 23:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега