Бугарски аналитичари: Во Северна Македонија се зголемува антибугарската реторика, удел во тоа имаат руските служби

Во Македонија и Србија се зголемува антибугарската реторика, а удел во тоа имаат руските служби, тврди Милен Керемедчиев, поранешен бугарски заменик-министер за внатрешни работи, кој дава осврт на последните случувања во односите меѓу двете земји, по изјавата на премиерот Зоран Заев во неделата, дека барањата на Софија не се европски.

Дебатата за односите на реалција Скопје-Софија се интензивира и во Бугарија, откако премиерот Зоран Заев во неделата изјави дека барањата, кои доаѓаат од Софија, не се ниту европски, ниту добрососедски и дека доколку работите останат вакви какви што се земјава треба да го подготви својот народ дека во декември нема да отпочат преговорите со Европската Унија.

-Преку Србија минуваат руските интереси во регионот. Гледаме дека во Србија и Северна Македонија се зголемува антибугарската реторика – руските служби имаат удел во тоа, рече Керемедчиев за емисијата „Бугарија наутро“ на ТВ Bulgaria on air.

Меѓународниот аналитичар Николај Крастев, пак, додаде дека руските и белградските интереси се совпаѓаат во однос на Македонија. Според него, зголемувањето на антибугарската реторика во последно време е загрижувачка.

-Пред две години Бугарија стори се што можеше да го посвети своето претседателство со ЕУ на проширувањето кон Западен Балкан и особено кон Северна Македонија. Не Владата во Скопје, туку опозициската ВМРО-ДПМНЕ стои зад прашањето со македонското малцинство во Бугарија и на тој начин е против духот на Договорот меѓу Софија и Скопје, разгорувајќи нови националистички страсти на таа тема, вели Крастев.

Според него, политиката на ВМРО-ДПМНЕ е проруска и води до самоизолација на Македонија.

Керемедчиев од своја страна нагласи дека последната изјава на Заев е упатена до Германија.

-Зборовите на Заев се повик за помош. Тој повик е упатен кон Германија и лично кон госпоѓата Меркел. Канцеларката, напуштајќи ја својата позиција и тронот на лидерството во ЕУ сака да го заврши своето владеење со лепеза од успеси. Во секој случај Германија сака до крајот на годината да добие некакви конкретни чекори во однос на Северна Македонија, додаде Керемедчиев.

Според него, притисокот врз Бугарија ќе се зголеми и оваа реторика е логичен дел од тој притисок.

Вели според последните истражувања се намалуваат позитивните чувства во Македонија кон Бугарите и се прават обиди за предизвикување на хистерија во сите овие процеси.

-ЕУ е многу изморена од своето проширување. Не знам дали по десет години ќе се прими нова земја-членка. Да се прави сега хистерија е малку избрзано. Има силно активирање на службите и на руските интереси во регионот, нагласи поранешниот заменик-министер за внатрешни работи.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

13.10.2020 - 13:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега