Чешка воведува задолжителна вакцинација за одредени професии и старосни групи

Владата на Чешка одлучила дека вакцинацијата против Ковид-19 ќе биде задолжителна за сите оние кои работат во болниците и домовите за стари лица, како и за полицајците, војниците и некои други професии, како и за сите граѓани над 60 години.

Ова денеска го објави министерот за здравство Адам Војтех. Земјата со 10,7 милиони жители заостанува зад просекот на Европската унија во вакцинацијата против Ковид-19 и минува низ уште еден бран на инфекција што ги принуди болниците да престанат да третираат случаи кои не се итни и да бараат помош од војската и волонтерите.

Соседна Австрија воведе обврска за вакцинација за сите граѓани, а некои други земји, меѓу кои и Германија, размислуваат за задолжителна вакцинација.

„Другите земји го следат овој пат“, рече Војтек. „Тоа е тренд кој ќе преовладува во Европа.“

Обраќајќи им се на новинарите преку видео врска, бидејќи тој е во изолација откако бил тестиран позитивно за вирусот, Војтек рече дека неговото министерство ќе издаде декрет оваа недела со додавање на вакцината против Ковид-19 на другите задолжителни вакцини, потврдувајќи ги претходните извештаи во медиумите.

На оние кои ќе одбијат ќе им биде забрането да работат во професиите во кои работат, рече тој.

Уредбата треба да стапи на сила во март, но може да биде краткотрајна, барем во сегашната форма, бидејќи новата влада на десниот центар, која би можела да ја преземе власта веќе следната недела, протестирала против вакцинацијата врз основа на возраста.

Висок член на претстојната коалиција викендов изјавил дека идната влада ќе ја укине обврската за вакцинирање на граѓаните над 60 години, но дека вакцинацијата може да биде задолжителна за одредени професии.

Војтек соопшти дека воведувањето на регулативата се уште трае. „Убедени сме дека ова е вистинскиот пат“, рече тој.

Само 59,6 отсто од Чесите се вакцинирани, во споредба со европскиот просек од 66,4 отсто, според Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ).

 

 

06.12.2021 - 23:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега