Членови на ВМРО-ДПМНЕ бараат оставка од Мицкоски

Група партиски членови денеска од пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ побараа оставка од лидерот Христијан Мицкоски. Тие во изјава за медиуми рекоа дека партијата има и сила и знаење и капацитет за да ја врати довербата на граѓаните зашто, како што велат, граѓаните знаат оти ВМРО-ДПМНЕ е бастионот кој секогаш бил на браникот на државните интереси.

Според членот на Извршниот комитет на Унијата на жени на партијата, Весна Дамчевска, ВМРО -ДПМНЕ има кадри и потенцијал кој може да понуди алтернатива и да го запре економскиот пустош кој три години ја коси Македонија.

-Старо-новата коалиција на Зоран Заев не е никаква гаранција дека граѓаните ќе живеат подобро. Напротив, оваа власт ниту може подобро, ниту знае подобро.  За жал, на оваа власт некој и овозможи таков луксуз да победи и да формира Влада. Тука не мислиме на оние 327 000 наши сограѓани кои гласаа за Зоран Заев. Тие не се виновни. Не се виновни ниту оние стотици илјади кои останаа дома и одлучија да апстинираат. Виновен е оној што можеше, требаше и мораше да понуди сериозни, препознатливи политики кои ќе ги сплотат и привлечат граѓаните. Виновен е тој што не ги искористи капацитетите на партијата и форсираше поделби наместо да ги обедини силите, рече Дамчевска.

Според неа, виновен е тој што не успеа да изгради и да заземе цврст став по ниту едно прашање.

-Одговорност за неуспесите мора да има. Кога еден тим губи, не може да биде одговорна публиката, играчите кои биле оставени на клупа или домарот кој се грижи за соблекувалните. Одговорен е тој што го води тимот, а тимот на ВМРО -ДПМНЕ го водеше Христијан Мицкоски и неговите најблиски соработници. ВМРО -ДПМНЕ со Мицковски како Претседател ги загуби Претседателските избори одржани во 2019 година, а ги загуби и локалните избори во Охрид и Ново Село. Ги загуби, а наместо одговорност бевме сведоци на апсурдни оправдувања, несериозност и неработење. ВМРО -ДПМНЕ со Мицковски како Претседател и кандидат за Премиер на овие избори излезе со програма и кандидати за пратеници кои не успеаја да обезбедат поддршка од граѓаните. Кадрите на Мицковски и во техничката влада не успеаја да се наметнат како лица кои на граѓаните ќе им покажат нов и различен начин на водење на институциите и ќе одговорат на предизвиците со кои беа соочени, рече Дамчевска.

Вели дека вината повторно може да се префрла, но вистината, според неа,  е една, а тоа е Мицкоски.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

21.08.2020 - 14:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега