Чулев формирал комисија која ќе одобрува пасоши за итни потреби, ги повика граѓаните да аплицираат

Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев денес извести дека на располагање имаат 3400 пасоши кои ќе се издаваат само на ургентните случаи се до 24 март кога очекуваат да пристигнат 100.000 нови обрасци за пасоши, објави А1он.

„Во отсуство на политичка волја кај Владата, јас на ниво на Министерство за внатрешни работи формирав комисија. Во комисијата имаме вклучено и медицинско лице – доктор и приоритет за решавање на барањата ќе имаат оние лица коишто имаат ургентни медицински потреби. Ги повикувам граѓаните сите ургентни барања за издавање на патни исправи да ги доставуваат до подрачните единици на Министерството за внатрешни работи, одделенијата за управни работи. Комисијата ќе ги разгледа веднаш, следниот ден откако ќе бидат поднесени. За оние граѓани за коишто претходно не аплицирале, а за кои ќе се утврди дека имаат ургентни барања МВР ќе им излезе во пресрет со тоа што истите ќе аплицираат како по редовна постапка, односно нема да им бидат наплатени дополнителни финансиски средства“, рече министерот Чулев.

Тој уште еднаш повтори дека проблемот го направил неговиот претходник Оливер Спасовски кој не ги испланирал потребите на граѓаните и не обезбедил доволен број патни исправи. Апелираше Владата да најде начин да го пролонгира важењето на истечените пасоши шест месеци од денот кога ќе пристигнат новите патни исправи.

„Владата има модалитети како да го реши овој проблем, отсуствува политичка волја. Пак ја користам оваа прилика да ја повика Владата во интерес на граѓаните да седнеме и да го решиме проблемот којшто е веќе на ниво на држава и алармантен“, повика Чулев.

Иако МВР размислуваше да забрани поднесување барања во редовна постапка поради недостигот на обрасци, министерот денес рече дека одлучиле да го гасат системот. Граѓаните во редовна постапката можат да поднесуваат барања и да се сликаат и покрај тоа што новите обрасци се очекуваат на 24 март.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

19.02.2020 - 13:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега