ЦЈЗ ШТИП: Повеќе од 50 позитивни од пет конфекции, тешко ситуацијата да се стави под контрола

Повеќе од 50 вработени во пет штипски конфекции се позитивни на корона вирусот. Постои нова опасност Ковид-19 да се рашири меѓу работниците, бидејќи станува збор за околу 1000 луѓе од петте фабрики.

Директорката на центарот за јавно здравје на Штип, д-р. Марија Димитрова вели дека ситуацијата во градот тешко може да се стави под контрола, особено поради фактот, како што вели, ретко кој ги почитува мерките.

-Во последнава недела имаме заразени работници од пет конфекциски фабрики. Нивниот број надминува 50. Денеска во градот, вкупниот број на новозаразени, само од податоците од Институтот за јавно здравје е 9, но чекаме резултати од уште неколку лаборатории. Јас како микробилог сметам дека тоа е навистина многу. Но, морам да признаам дека сум страшно разочарана. Ретки се оние граѓани во Штип што ги почитуваат мерките, пред се носењето маска и социјалното растојание. Не знам на кого веќе зборуваме, едноставно не слушаат, не внимаваат, вели д-р. Димитрова.

Директорката на штипскиот ЦЈЗ, д-р. Димитрова вели дека нема да има масовен скрининг, иако станува збор за околу 1000 вработени во фабриките. Појаснува дека и контактите на позитивните ги идентификуваат и ги ставаат во изолација, но повторува дека вирусот е раширен насекаде.

Освен тоа, како што вели и болничките капацитети во Штип се полни, и иако станува збор за полесни случаи, сепак, состојбата треба да се сфати многу сериозно.

-Во договор со сопствениците на фабриките, прво бараме да се почитуваат безбедносните мерки и протоколите, но дел од нив и сами одлучуваат извесен период да ги затворат конфекциите. Сега позитивните случаи се од Ф-Моде, повторно од Т-Стајл, која беше првиот кластер и од уште неколку други. Вработените на работно место може и ги почитуваат мерките, но по завршување на работното време нема ништо од тоа. Си одат на гости, се дружат, не носат маски, се групираат, тоа е основниот проблем. Кога им се прави епидемиолошка анкета, даваат податоци во просек за 15 други луѓе, вели д-р. Димитрова за Фактор.

Инаку, во болницата во Штип има 53 хоспитализирани пациенти, од кои неколку се со потешка клиничка слика.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

13.07.2020 - 14:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега