Црна Гора: Почна новата учебна година под посебни епидемиолошки мерки

Новата учебна година започна денеска и во Црна Гора, а наставата во основните и во средните училишта е прилагодена на новите епидемиолошки мерки.

 

Според упатствата на Министерството за образование и Институтот за јавно здравје, задолжително е носење на заштитни маски и почитување на мерката за одржување на физичка дистанца. Мерките предвидуваат дека истовремено не треба да има повеќе од 15 ученици во училница и во една клупа може да седи само по еден ученик. Неопходно е да се одржи физичко растојание од најмалку два метра, а децата нема да имаат училишен одмор, туку паузи што ќе ги минуваат во училница.

Часовите за учениците во основните училишта ќе траат по 30 минути со најмногу четири часа во денот, а за средношколците 30 минути со најмногу шест часа. Црногорското Министерство за образование појасни дека сите тестови за знаење, контролни и писмени задачи за сите ученици ќе бидат организирани исклучиво во училиштето, со почитување на мерките.

Учениците и наставниот персонал не смеат да доаѓаат во училиштето доколку пројават симптоми на респираторна или цревна инфекција, треска, губење на чувство за мирис или вкус, итн., како и лица на кои им е издадено решение за карантин или домашна изолација.

Според Институтот за јавно здравје, во Црна Гора во моментот има 3.411 активни случаи на коронавирус, додека од јуни досега се регистрирани 160 смртни случаи предизвикани од ковид-19.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

01.10.2020 - 17:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега