Д-р Ангелчо Андоновски: Проблемите во здравството повторно под тепих

Пандемијата ги покажа сите недостатоци и проблеми кои беа пикани под дебелите персиски ќилими во здравството кои на крајот испливаа и место да бидат решени засекогаш само повторно се напикаа назад, вели во интервју за Прес 24, М-р.Д-р.спец. Ангелчо Андоновски.

-Се докажа дека споро се реагира во врска со познавањата од областа на законските регулативи во и за време на една пандемија, епидемија. Првично законските регулативи треба да ни бидат средени и доведени на европско рамниште, а не да имаме адхок мерки и потези, вели доктор Андоновски.

Андоновски, кој на почетокот од Пандемијата беше и дел од тимот на министерството за здравство за борба против Пандемијата, смета дека од денешна дистанца оваа криза покажа дека се потребни системски реформи на здравстениот сектор.

-Сметам дека и покрај спроведените кампањи за информирање на граѓаните, недоволно беа ангажирани стручните лица во дисперзија и наметнување на соодветно научно мислење со кое би го објасниле секој момент кој беше познат во светски рамки. Нашите експерти требаа да бидат апсолутно и постојано присатни за да оваа неодговорност, не со метод на застрашување туку со метод на научно убедување да предизвикаат будење на свеста кај граќанинот, а така и реално прикажаната последица која следува од неодговорниот пристап да стане точка на топење, вели Андоновски во иннтервјуто за Прес 24.

Во интервјуто доктор Андоновски отвара повеќе теми и дава предлози кои се точките на кои треба да се работи во иднина за покавлитетен здравствен систем. Истовремено вели дека постои и модел како да се спречи одливот на медицински кадар од државата.

-Ќе дадам свој личен осврт како предлог и еден вид насока за понатамошно моделирање и еден од можните начини да се сопре белата чума. Да се оспособуваат кадри за нови методи кои се нудат во другите држави и каде ние ги праќаме своите пациенти да тие таму се лекуваат, а со тоа го натоваруваме здравствениот фонд. Да на тие специјализирани кадри им ги овозможиме сите потребни услови, а со тоа и да привлечеме да и ние станеме потенцијална медицинска дестинација, а со тоа да генерираме средства. Да ги искористиме сите природни дарови и да основаме центри за многу видови на заболувања со што ќе привлекуваме тие услуги да се даваат и тука кај нас, а со растот на приходите ќе имаме и високи примања. Давање на дозвола лекарите кои се професионализирани да работат и во други здраствени установи, а со тоа да добиваат стимулација и сатисфакција. Да користиме кофинансирање, преку осигурителни компании да дозволиме да граѓаните си ги насочат средствата и кон приватно здраствени фондови кои ќе исплаќаат надомест за здраствени услуги дури и лично на белите мантили и ред други мерки за кои би се разговарало транспаретно и професионално за да станат реалност, велиМ-р.Д-р.спец. Ангелчо Андоновски во интервјуто за Прес 24.  

 

ПРЕС 24: Речиси две години од појавата на пандемијата на Ковид 19 се уште се соочуваме со системски проблеми во заштитата. Вие едно време и бевте дел од тимот на здравство кој ги креираше задравствените политики во борбата со пандемијата. Од денешна дистанца, како оваа пандемија влијаеше на развојот на здравственист систем?

АНДОНОВСКИ: За жал пандемија има во целиот свет, не само кај нас, проблеми имало и ќе има се дур постои неурамнотежена, сервилна проблематика и полемика како да се процесуираат и решаваат есенцијално битни задачи, поготово во овој најчуствителен сегмент на општеството. Токму заради неадекватни и несериозни пристапи и игри и погрешни тактики ќе има и такви тектонски пореметувања во самиот здравствен систем. Се надевам дека нема да се дозволи да во иднина постои ваква Блицкриг тактика, туку напротив ќе има реална, прилагодена, силна и адекватна пред се сериозна медицинска стратегија која ќе даде видливи резултати и тоа во најкус можен рок. Да се сопрат ваквите драматични статистики кога станува збор за Ковидот и што се се случуваше на тоа поле. Во едно секако бев дел на тимот кој од самиот старт не само со оваа пандемија туку од појавата на епидемијата на морбилите, заедно со тогашниот професионален тим на вистински познавачи како на инфектолошките така и на епидемиолошките, педијатриските, интернистичките, статистичките,јавно здравствените проблематики сплотено и со резултати ги решаваше проблемите, притоа професионално земајќи во предвид само една работа, а тоа е заклетвата која е дадена и животите на нашите граѓани.

Во самиот старт бројките беа минорни а стратегиите брзи и адекватно прилагодени на нашите услови а со тоа и целосна контрола на епидемијата. Токму и тогаш ја добив и задачата да една детска болница ја подготвам да функционира како Ковид центар, првично за деца, а подоцна и за возраснин, каде максимално труд беше вложен од професионалци кои работеа постојано, професионалци од интерните, инфективните, невролошките, кардиолошките, ревматолошките  и другите медицински  гранки и нормално севкупниот сестрински персонал. Можам да кажам дека црните статистиките беа на најнизок процент и можам да кажам со лична радост дека се спасија многу животи и тоа остана пракса и понатака. Посебен осврт за кој би сакал да е остварлив а верувам и секој професионалец и човек кој сака реални нагорни промени и подготовка за еден одржлив  здравствен систем, би додал  дека процентуално од предвидената програма за предвидениот развој  во здраствениот сегмент не се надминати ни 10 проценти во текот на овие 4 години, не само ради кризата со пандемијата, но и поради несогледаните можности кои другите модерни држави ги правеа, а ние можевме само да примениме, но за жал ете се гледа се во реалност и како изгледа таа вистинска реалност. Сметам дека секој треба да даде свој личен придонес и сите сплотено да изнаоѓаме решенија, а не со сервилен пристап кој не води до прогрес туку напротив до невидени загуби и грешки.   

ПРЕС 24:  Дали имате соодветно ваше видување за правилно менаџирање на кризата?

АНДОНОВСКИ: Апсолутно знаеме дека секогаш треба да ги следиме препораките на СЗО и  другите успешни епидемилошки политики од големите држави, но пак ќе кажам дека лично мислам дека требаша секогаш тие политики да ги прилагодуваме на нашите услови и будно да се следи секој чекор и да се одлучува секојденвно дури и на дневна основа. Тимот кој сето тоа го раководи може да изнесува и продуцира секојдневно нови правила кои се дозволени поради  епидемилошките моменти, а со тоа и кривата и процентот на заболени, оздравени и починати лица, не да се дозволи да сме со највисоки црни статистики, туку напротив како мала држава првично да го информираме и запознаваме граѓанинот со проблемите и последиците , а потоа непречено да ги имплементираме потребните мерки. Да имаме борба како што имам кажано во повеќе наврати со непознат непријател и дека оваа е 3 та Светска војна, но од здраствен аспект, токму заради тоа и белиот мантил треба да ги има сите расположливи оружја на располагање, а тоа се модерни лекарски оружја кои ги користи и светот.  Ќе ги изнесам и задачите на примарниот и секундарниот здравствен сектор кој не беа ангажирани максимално во севкупното работење а тоа доведе до натоварување на терциерното здравство. Да задачата не беше правилно зададена и не се даде посебен осврт кон тој недостаток, туку напротив се гледаше во една точка не согледувајќи ја поголемата слика која стоеше зад сето тоа правилно /неправилно менаџирање.

ПРЕС 24:  Од денешна дистанца, кои се критичните точки, и што покажа искуството каде и што треба да се реформира?

АНДОНОВСКИ: Не би ги нарекол критични точки, би ги нарекол нерешени задачи кои биле уште од многу одамна потребни за да се имплементираат и прилагодат и законски да се регулираат. Пандемијата ги покажа сите недостатоци и проблеми кои беа пикани под дебелите персиски ќилими во здравството кои на крајот испливаа и место да бидат решени засекогаш само повторно се напикаа назад. Се докажа дека споро се реагира во врска со познавањата од областа на законските регулативи во и за време на една пандемија, епидемија. Првично законските регулативи треба да ни бидат средени и доведени на европско рамниште, а не да имаме адхок мерки и потези. Организациските способности во делот на преадаптирање и прилагодување за работа на здраствените установи во вакви услови, обучување на соодветен персонал, менаџирање со персоналот или најлесната метода за решавање е позиционирање на една локација и ротирање на севкупниот медицински потенцијал. Финансиската легислатива, немање соодветни буџети, нивно нерационално планирање, а и имплементирање. ФЗО е државен здравствен сервис и постои од и за граѓаните, буџетите на сите здравствени установи треба правилно да се менаџираат за потребите на болниците, а воедно и нивно презентирање без платите на вработените кои секако се утврдени од претходно. Потреба од медицниски персонал доволно едуциран и обучен и.т.н .

Реформи во примарното и секундарното здравство. Со тоа би го растеретиле терцијалниот здравствен столб во секоја смисла на зборот, како кадровски така и финансиски. Само соодветен протокол во примарниот и секундарниот столб ќе значи и соодветно тријажирање и решавање уште во самиот старт, а не да биде само премостување кон повисока здраствена инстанца. Превенцијата, нешто за кое кампањски ќе се наметне на нашиот народ кон правилно развивање на здравјето од најмали нозе кон здрави навики, а со тоа и помалце заболувања и помали оптоварувања на здравствената каса и здравствениот систем. Во глобала потребни се многу нови реформи кои што како што и напоменав не се имплементирани од многу одамна, но иако беа реално ветени застанаа на само мал процент на реализација, не само заради пандемијата туку и заради несоодветно и неадекватно менаџирање и несогледување на последиците.

ПРЕС 24: Како добар познавач на здравствениот систем, дали мислите дека имаможности за овие промени да бидат реализирани?

АНДОНОВСКИ: Видете, треба реален пристап не само визионерски и популистички, ќе се сложат сите дека ако веќе се стремиме да станеме дел на Европа и на европските, па и светските трендови ќе мора да се организираат соодветни, менаџерски и стручно способни експертски тимови кои, ќе ја направат анализата првин на условите и да ги дадат начините заимплеменатација на се што ќе треба да биде навремено, а би рекол час поскоро имплементирано и реализирано. Само така тимски без поделби, без би рекол интригантство, политиканство  и суети, бидејќи треба да се свати еднаш за секогаш дека се работи за опстанокот на нашата иднина, на идните генерации кои ќе треба да не наследат, а и секако да продолжат понатаму но од веќе добро поставени правци. 

Се работи за комплексен столб на општеството тој столб е здраствениот столб, носач на здрава популација здраво граѓанско општество, бидејќи се работи за животи, секој живот на секој наш граѓанин е најбитната и најсовесната одговорност на секој кој го гради овој столб. Утре за тоа ќе говорат и идните поколенија дека навистина е нешто реално создадено или само ќе се остане на маргините и на забот на заборавот. Ќе потенцирам најбитна задача е заедничко сплотено делување со прифаќање на сите сугестии и сите можни апгрејди како идеолошки така и практични. Затвореноста во четири ѕида не не носи во светлост, туку во фобија.

ПРЕС 24:  Иако на почетокот на пандемијата, младите, а особено децата беа како некоја посигурна група отпорна на Ковид 19, мутациите го направија вирусот подеднако опасен и за најмладите. Како овде, кога станува збор за здравјето на децата, превентивно одговори системот?

АНДОНОВСКИ: Говорам како лекар педијатар и човек кој ги следи сите новини и велам дека сите светски научни видувања, студии и анализи докажаа дека инциденцата на компликации кај заболените деца со Ковид 19 се минорни, дури се мерат во ситни децимали. Докажаа дека кај децата со коморбидитети можат да имаат трајни последици дури и летален исход, докажаа појава на мултисистемски мултифокални проблематики. Но, пак да напоменам дека сето тоа е во многу мали мили проценти ако може така да се каже. Сепак се работи за респираторен вирус и тој ќе е новата реалност и ќе е присатен и понатака. Во РСМ имавме неколку смртни случеви на повозрасни деца, но деца со коморбидитети или ненавремено интервенирани случаеви. Тие мали бројки секако се за радост и дека свеста на граѓаните како родители е подигната и тие навремено реагираат кога станува збор за нивниот пристап кон ова ново заболување.

Ковид 19 е респираторно заболување, постојано се трудам да сум присутен во медиумите и во етерот за да може да ги насочам правилно родителите кога и како да дејствуваат во вистиснкиот момент да работаат врз имунитетот и да го почуствуваат вистинскиот момент за брза реакција. Место за паника нема и секогаш советувам дека превентивата и заштитата се најбитните моменти во борбата со овој вирус. Превентивата е во здравите навики, а заштитата е вистинска информациија за препознавање и избегнување на несаканите случувања и последици. Уште од сам старт бев дел на правилното и соодветно насочување на сите потребни превентивни мерки за децата,децата  беа веднаш отстранети од настава а со тоа можноста за мешање и други вектори на векторско пренесување беа сведени на минимум. Тоа вроди со резултат и бројките беа мали, а со тоа и бројот на хоспитализации беше минорен. Дури и учествував во идните подготовки за отпочнување на наставата, а и имплементација на посебни мерки во училиштата и соодветни протоколои. Но, подоцна кога дојде до олабавување на мерките веќе и не учествував во работата на Комисијата за заразни.

Бројките на заразени деца се зголеми со зголемување на бројот на заразени. Единствен позитивен факт е дека децата навистина лесно и брзо ја поминуваат оваа болест. Тоа се должи на младиот организам на нивниот имунолошки систем и на тоа што тој детски организам е здрав и неоштетен. Да се надеваме дека наскоро веќе ќе е минато и да се врати нивната топла насмевка. Околу новиот сој Омикрон само накратко ќе напоменам дека се следи будно, но дека место за паника сеуште нема, но секако дека ќе сме внимателни и ќе информираме за се што ќе се случува кај децата со оваа Ковид мутација.

ПРЕС 24:  Оваа пандемија покажа една сериозна општествена неодговорност, кога станува збор за граѓаните и нивниот однос кон пандемијата, што направи здравствениот сектор?

АНДОНОВСКИ: Сметам дека и покрај спроведените кампањи за информирање на граѓаните, недоволно беа ангажирани стручните лица во дисперзија и наметнување на соодветно научно мислење со кое би го објасниле секој момент кој беше познат во светски рамки. Нашите експерти требаа да бидат апсолутно и постојано присатни за да оваа неодговорност, не со метод на застрашување туку со метод на научно убедување да предизвикаат будење на свеста кај граќанинот, а така и реално прикажаната последица која следува од неодговорниот пристап да стане точка на топење. Но сето тоа не е минато, треба да се активира нов бран на научни отворени презентации што и како понатаму да се справуваме со пандемијата.

ПРЕС 24:  Додека државата редуцираше клиники и ги пренаменуваше во ковид центри, приватните болници нудеа екстра скапи услиги за лекување на болни од Ковид 19. Дали ова искуство не насочи за да се најде нов модалитет, како општиот здравствен систем би функционирал и во услови на вакви кризни состојби и дали тој приватен сектор би бил корегиран во вакви случаеви?

АНДОНОВСКИ: Да бевме сведоци на сето тоа, оваа го говорам како обичен граѓанин дека тоа беше нешто недозволиво поготово во една ваква сиромашна држава. Како лекар и познавач на овој здравствен систем отворено ќе речам дека навистина се потфрли токму од регулаторните органи, кои требаа да бидат сервис на граѓаните во оваа тешка ситуација. Пристапот од страна на здраствениот сервис во услови на пандемија, кога немавме лекувања во странство имавме само една дијагноза за работење, средствата требаше да се наменат  како ковид буџет да се правилно испанираат и да се распределат насекаде каде имаве наплив на пациенти и тоа по прифатени и усвоени цени од страна на нашата државна регулаторна практика. Видовме како се одрази сето тоа и сметам дека неадекватни луѓе го проектираа сето тоа кои можеби имаа и некој други пристапи и видувања, но секако не во интерес на сите граѓани. Така да новата практика да биде донесена што побрзо, но со една отворена јавна расправа за да нема пропусти во иднина, а со тоа и ќе бидат запазени сите правни регулативи и рамки кои ќе се наметнат во вакви непредвидени ситуации, природни или неприродни.

Сакам да додадам и ќе речам дека секогаш имаше доволен борј на легла за болните, државниот клинички центар севкупниот клинички кампус, 8 Септември, сите други државни институции  беа и можеа заедно со приватните да се приспособуваат постојано, можам да кажам дека можеби имаше потреба од специјализирани модуларни боници, а со тоа и правилна намена на средства, материјали, персонал и додатни  средствата кои ќе можеа да бидат употребени како ковид  буџети за сите здравствени институции во  државниот и приватниот сектор.

ПРЕС 24:  Кадровскиот потенцијал на здравствените институции станува се позериозен проблем во државата. Се повеќе лекари заминуваат. Имаше многу најави и идеи како да се стимулираат да останат овде. Според Вас, има ли реален начин како да се спречи одливот на ваков кадар, со оглед на тоа дека преселбата на лекари од држава во држава е некаков светски тренд последните седум до десет години?

АНДОНОВСКИ: Белата чума, одливот на белите мантили, одливот на интелектуалната сфера не доби надолна крива. Иако кривата доби првично рамна линија, дури и за кризата пак повтроно доживеа искривување надолу. Идеите за стимулација сметам дека само беа кажани, но не спроведени, ако не се смета на покачувањето на платите кое секако е позитивен, но не задоволувачки момент, не се продолжи со трендот да се изфилтрираат и правилно насочат и стимулираат новите кадри.

Ќе дадам свој личен осврт како предлог и еден вид насока за понатамошно моделирање и еден од можните начини да се сопре белата чума. Да се оспособуваат кадри за нови методи кои се нудат во другите држави и каде ние ги праќаме своите пациенти да тие таму се лекуваат, а со тоа го натоваруваме здравствениот фонд. Да на тие специјализирани кадри им ги овозможиме сите потребни услови, а со тоа и да привлечеме да и ние станеме потенцијална медицинска дестинација, а со тоа да генерираме средства. Да ги искористиме сите природни дарови и да основаме центри за многу видови на заболувања со што ќе привлекуваме тие услуги да се даваат и тука кај нас, а со растот на приходите ќе имаме и високи примања. Давање на дозвола лекарите кои се професионализирани да работат и во други здраствени установи, а со тоа да добиваат стимулација и сатисфакција. Да користиме кофинансирање, преку осигурителни компании да дозволиме да граѓаните си ги насочат средствата и кон приватно здраствени фондови кои ќе исплаќаат надомест за здраствени услуги дури и лично на белите мантили и ред други мерки за кои би се разговарало транспаретно и професионално за да станат реалност. 

Бев учесник во едукативниот програм за здравствен менаџмет и како кадар за професионална надградба така и како презентер на нови начини на финансирање на здравствената струка и нови извор на средства во доменот на здравствениот менаџментот каде го изложив новиот модел на повисока соработка помеѓу лекарот и користење на приватни здравствени услуги кои се потребни на неговиот пацинт. Тоа е исто така еден од моделите на кој треба да се даде правец и регулатива, а се со цел сите да се задоволни од меѓусебната соработка. Оваа го презентирам и го искажувам дека навистина има многу нови моменти кои секако дека во иднина треба да бидат имплементирани и да си го задржиме својот кадар тука. Кадар кој ќе е и задоволен и ќе дава огромни резултати и придонес. 

ПРЕС 24:  Д-р.Андоновски како докажан професионалец и кадар дали се надевате на добра иднина на здравството?

АНДОНОВСКИ: Секое ново утро е нова шанса да станеме подобри од претходниот ден. Да направиме анализа на се што е досега направено и да научиме дека нешто заслужува да продолжи или не заслужува да продолжи. Да не кажам дека најголема желба ми е да не се повторат несеканите немили настани и изгубени животи и пропуштени можности за нови и иновативни промени. Новите ветрови се убави ако дуваат во вистиснки правец. Верувам дека новите здравствени тимови кои ќе се формираат ќе се професионални, докажани, менаџерски добро обучени, но и треба да се тимови на луѓе со искуства не луѓе со демагогии и филозофии но со реални желби за промени на подобро, настрана да се тргнат непрофесионализмот, сервилноста, политиканството и суетите кои не не водат кон добро туку не носат кон дното.

Сметам дека секое искуство и мислење ќе биде добредојдено и навистина да изградиме и создадеме вистиснки цврст и одржлив здраствен систем каде сите ќе имаат удел заеднички и ќе се подаде рака за да се справиме со пандемијата, а и со се што ни следи, а тоа е вечната борба за животите на сите граѓани и нивно беспрекорно здравје како огледално на добар здравствен систем. 

09.12.2021 - 09:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега