Дали е вистина дека пушачите поретко заболуваат од Ковид-19 - ново истражување ја реши дилемата

Британските истражувачи ја решија дилемата која ги мачеше многу од луѓето.

Од почетокот на пандемијата на коронавирусот се водеа полемики дали луѓето кои пушат цигари ќе бидат заштитени од инфекцијата на новиот коронавирус и потежок облик на Ковид-19.

Мислењата беа поделени - додека едни тврдеа дека белите дробови на пушачите се „доволно моќни“ да се спротивстават на инфекцијата, други предупредуваа дека на пушачите ќе им се случи токму спротивното.

Во Велика Британија било спроведено истражување на оваа тема. Истражувачите предводени од д-р Ешли Клифт од Универзитетот Оксфорд анализирале податоци од 13.446 луѓе кои спровеле молекуларно тестирање на новиот коронавирус. Од тој број 1.649 биле позитивно тестирани, 968 хоспитализирани, а 444 ја загубиле битката против Ковид-19.

Како што пренесува грчката новинска агенција, 59 отсто од испитаниците не биле пушачи, 37 отсто биле поранешни пушачи и само 4 отсто биле активни пушачи од кои 71 отсто пушеле од една до 10 цигари дневно, а 29 отсто повеќе од 20 цигари дневно.

Истражувањето покажало дека во споредба со непушачите, луѓето кои пушат цигари во просек 80 отсто почесто биле хоспитализирани.

Професорите од колеџот во Лондон коментирале дека „идејата дека пушењето цигари може да заштити од Ковид-19 секогаш била малку веројатна“.

„Пандемијата е момент кога пушачите треба да размислат за употребата на цигарите“, порачале истражувачите.

„Нашите податоци покажуваат дека пушењето е поврзано со ризик од сериозен облик на Ковид-19. Како што пушењето влијае на ризикот од кардиоваскуларни болести, разни видови на канцер и други болести, тоа влијае и на Ковид-19. Како и секогаш, сега е момент да престанете да пушите цигари“, заклучиле истражувачите.

28.09.2021 - 11:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега