Дали се поставени темелите на обединетата опозиција во Македонија?

Дали периодот на политичка монотонија во кој опозицијата не успева да ѝ зададе посериозен политички удар на власта е на својот залез?

Дали средбата на партиските делегации на ВМРО-ДПМНЕ, на Алијансата на Албанците и на Алтернатива, во присуство на албанската опозиција од Косово и од Албанија, како и на Европската народна партија, а во организација на германската фондација „Конрад Аденауер“го навести почетокот на создавањето на Обединетата опозиција на Македонија?

Како учесник на овој настан кој имаше обврска да сподели воведни професионални видувања за модалитетите на идната поголема соработка помеѓу опозицијата и да го модерира истиот, сметам дека иако мотивите за неговото одржување се повеќеслојни, сепак целта е сосема едноставна. Имено, таа произлегува од самата смисла на постоењето на политичките партии - победа на избори и формирање на парламентарно мнозинство кое ќе ја избере владата на државата.

Парламентарните избори во 2016 година радикално забрзаа одредени процеси што се однесуваа на начините на фунционирањето на партиите, како и формирањето на предизборните коалиции. Конкрено, станува збор за прилично сложена политичка навигација на надминување на востановените етнички рамки во кои функционира(ат) стожерните партии во Македонија. Тоа, пак, претставува(ше) еден нов стандард во македонскиот партиски систем кој ги доведе во состојба на намалена компетитивност останатите политички субјекти кои сеуште функционираат во согласност со старите правила исклучиво во рамките на постојните етнички сегменти на државата.

Предводник на ваквите процеси на деетницизација на партискиот систем што започнаа во 2016 година, а добија на интензитет во 2020 година беше владеачкиот СДСМ.

Ваквиот пристап на оваа партија почива на двастолба:

-Прво, иновирање на програмските и кадровските основи според кои СДСМ започна да им се обраќа поддеднакво и на Македонците и на Албанците, како и на Турците, Србите, Власите, Бошњаците и Ромите, односно на сите граѓани независно од нивната етничка припадност;

-Второ, интегрирање на партија од албанскиот етнички блок во коалицијата на СДСМ, во која веќе членуваа и други партии кои, главно, им се обраќаат на помалите уставно-споменати етнички заедници.

Резултатот од оваа новина е денешната состојба во која спротивно на очекувањата изразени преку анкетите, Коалицијата на СДСМ раководи со институциите на државата, а не коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа значи дека воспоставената стратегија која е целосно комплементарна со европските и евро-атланските вредности, овозможи да се надомести поединечната послаба популарност на СДСМ во однос на ВМРО-ДПМНЕ. Секако, овие резултати на парламентарните избориво 2020 година се и заради некои други причини кои се анализираат во извештаите на меѓународните набљудувачки мисии на изборите.

Имајќи го во предвид споменатото, прашање е на време кога иопозицијата во Македонија ќе изгради соодветна конкурентна стратегија со која ќе успее целосно да ја валоризира сопствената поддршка помеѓу граѓаните, а која вкупно земено треба да доведе до промена на власта на следните парламентарни избори.

Средбата од 6 ноември 2020 година претставува уште еден гест на отворена поддршка на сестринските народни и конзервативни партии и фондации од Европа за своите сојузници во Македонија. Ваквиот „ветер во едрата“на ВМРО-ДПМНЕ, на Алијансата на Албанците и на Алтернатива има потенцијал да добие успешна политичка валоризација. Дали тоа ќе се случи, зависи од одговорот на четириважни прашања:

1. Дали обединетата опозиција може да се согласи околу заедничка програмска и идеолошка платформа која би довела до поблиска соработка слично како што тоа го направи СДСМ во 2020 година?

2. Дали претстојните локални избори во 2021 година може да претставуваат своевиден пилот проект во кој партиите од обединетата опозиција би се договориле за меѓусебна поддршка во некои поважни општини во државата?

3. Kои би биле таквите основни програмски принципи што ги надминуваат етничките специфики на опозициските партии, односно дали модернизацијата на државата според „рецептот“ на Европската унија наспроти лошите перформанси на власта, може да бидат таквите принципи што ќе ја определат заедничката опозициска агенда?

4. Конечно, дали самата политичка прагма која ни вели дека причината за постоењето на партиите е победата на изборите и составувањето на владата ќе биде уште еденважен елемент што ќе придонесе да се формира ваквата обединета опозициска коалиција?

Одговорите на овие прашања ќе ги добиеме во месеците пред нас. Многу скоро ќе видиме дали оваа „гума за спасување“од европските конзервативни и народни партии и фондации за своите сестрински партиии нивните лидерства во Македонија ќе биде оправдана.

Оправдувањето на таквата поддршка ќе значи многу поголема контрола врз Владата и многу поодговорно владеење. Истовремено, тоа ќе значи и побрза модернизација и подобра држава. Општо земено, пак, во моментот колку и да изгледа магловито, не е воопшто далеку денот кога ќе започне кампањата за следните парламентарни избори на кои, доколку Обединетата опозицијата на Македонија успее да создаде подобра политичка и кадровска понуда, без сомнение ќе ја добие довербата од мнозинството Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и останати.

Иако беше направен првиот инајважниот чекор, до крајот останува да се изоди уште долг пат исполнет со многу предизвици на кој ќе се тестираат карактерите и визиите на водачите на опозицијата во Македонија!

КОЛУМНА НА ПРОФ. Д-Р АЛЕКСАНДАР СПАСЕНОВСКИ

 

 

 

Добивајте вести на Viber

08.11.2020 - 12:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега