Дали Таравари стана безгалсна буква во коалицијата на Ахмети и Ковачевски?
Освен три министри во Владата кои месечно ги плаќаме по речи си 2.500 евра, Алијанса за Албанците не доби ништо од она што го бараше кога влезе во Владата. Речи си секоја од иницијативите кои ги доставија нивните министри паднаа во вода откако за нив негативно се изјаснија различни институции.
Министерот за правда Кренар Лога вчера доби спуштена рампа од Собранието кое ја поддржува неговата Влада за Законот за амнестија.
Покрај ВМРО-ДПМНЕ Лога не ја доби ниту поддршката на СДСМ.
Претходно, Лога се обиде да собере некој политички поен со едно чудно барање за внесување на етничка припадност во изводите од матичната книга на родените, авантура која му ја спречи Уставниот суд. Тој најавуваше дека ќе се пресметува со судот, дека ќе ги оспорува законските одлуки донесени по предвидениот рок, но до овој момент, се тоа остана само празна реторика.
Она што денеска може да се забележи е дека Алијанса за Албанците не може да спроведе ниту една своја политика, а експертите сметаат дека причина за тоа е што ДУИ не сака да дозволи некој друг да печали политички поени во неговата Влада.
“Кога имаме ситуација како денеска кога Предлог-закон од влада не е изгласан во Собрание, покажува дека постои нестабилност или хетерогеност во политичките ставови од страна на политичката власт. Тоа е индикатор дека истоветноста на ставовите во однос на заложбите е нарушена, и тоа би можело да биде предмет на поголема дебата, и би претставувало поголем проблем, доколку стануваше збор на почетокот на мандатот на влада. Но, откако станува збор за крај, ова може да се толкува заземање на политички позиции, во пресрет на изборите“, рече вчера професорот на правниот факултет Александар Спасеновски за ТВ21.
Но во Алијанса не се загрижени и немаат проблем и натаму да останат во Владата на СДСМ и ДУИ која до истекот на својот мандат ги брои последните месеци. Тие добија и покана да се приклучат на здружената албанска опозиција, но од партијата ја одбија со образложение дека на изборите планираат да настапат сами.
А последен пат кога го направија тоа, на вонредните избори за тетовскиот совет поминаа катастрофално. Партијата не успеа да освои ниту еден советник во Советот на општина Тетово по што тогашниот лидер, Зијадин Села си поднесе оставка по која дојде Таравари и партијата ја префрли во редовите на власта.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа