Даунинг стрит ѝ се извини на кралицата за забавите

Портпаролот на британскиот премиер Борис Џонсон денеска испрати извинување до Бакингемската палата за двете забави организирани во градината Даунинг стрит.

Забавата беше организирана пред погребот на принцот Филип минатата година. На 16 април се одржаа две проштални забави, едната за директорот за комуникации Џејмс Слек, а другата за владиниот фотограф, со консумирање алкохол до раните утрински часови.

„Длабоко жалиме што ова се случи за време на национална жалост, а Даунинг стрит ѝ се извини на палатата поради тоа“, изјави портпаролот на Џонсон, пренесуваат британските медиуми.

Тој одби да каже дали Џонсон лично ќе ѝ се извини на кралицата, но истакна дека премиерот го разбира значајниот гнев на јавноста, бидејќи за време на ковид-мерките беа организирани разни социјални настани.

Очевидци изјавија за „Дејли телеграф“ дека околу 30 луѓе учествувале на две априлски забави во различни делови на Даунинг стрит, кои потоа се собрале заедно во градината. Како што се додава, таа вечер во Даунинг стрит не бил и премиерот.

Во април минатата година Англија беше во втората фаза од постепеното олеснување на мерките и на шест лица или две семејства им беше дозволено да се соберат на отворено.

Наводите претставуваат дополнителен притисок врз премиерот Џонсон, кој се соочува со повици да поднесе оставка откако неодамна призна дека самиот учествувал на забава на Даунинг стрит во мај 2020 година, првиот период на затворање поради коронавирусот во Лондон, пишува „Гардијан“.

Лидерот на либералдемократите, Ед Дејви, потсетува дека кралицата седела сама во тагување за загубата на нејзиниот сопруг, во капелата, почитувајќи ги мерките за социјална дистанца.

„Не затоа што е кралица, туку затоа што е само уште една личност која е сама во жалост, како и многу други. Додека таа тагуваше, Даунинг стрит 10 се забавуваше. Џонсон мора да замине”, напиша тој на Твитер.

 
14.01.2022 - 16:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега