Дедо херој скокнал да ги спаси внуците - видел дека се безбедни, па починал: Турист настрадал во Грција

Шкотски турист починал обидувајќи се да ги спаси своите двајца внуци од давење кај грчкиот остров Крит.

Службениците на крајбрежната стража рекле дека 61-годишниот маж очајнички се обидувал да ги спаси децата од 7 и 10 години, кога дошла силна стурја во заливот Гувес.

Мештаните, вклучувајќи и двајца келнери од еден ресторан покрај морето, нурнале во брановите за да помогнат. Екипажот на крајбрежната стража исто така бил повикан да се приклучи во акцијата за спасување.

"Во еден момент тој едноставно се исцрпи и спасувачката екипа не можеше да дојде до него", рекол сопственикот на ресторанот. Жена, која побарала да не биде именувана, за новинарите рекла: "Спасувачот мораше да нурне шест пати за да се обиде да дојде до него. А кога успеа, веќе беше доцна".

Спасувачот Антонис Фарасаракис рекол дека човекот, кој се обидел да ги спаси внуците, бил тешко повреден кога успеал да дојде до него. "Во шок сум. Не сакам да мислам ни да зборувам за тоа. Но барем успеа да ги спаси своите внуци. Ми кажаа дека децата се префрлени во болница на лечење поради полесни повреди", рекол тој.

Според локалните медиуми, сведоците слушнале повици и побрзале да помогнат фрлајќи јаже за спасување. Опишале како дедото ги туркал децата покрај карпите за да дојдат до јажето. Кога видел дека и вториот внук е спасен, човекот паднал назад во водата.

"Беше многу пријатен човек, секое утро доаѓаше на кафе и локална пита со сирење. Беа тука една недела. Сигурно трагедијата се случи на последните денови од нивниот престој тука", рекол сопственикот на едно кафуле.

Властите изјавиле дека телото е однесено кај државен вештак на преглед за да се утврдат причините за неговата смрт. "Барем успеал да ги види своите внуци безбедни на копно", рекол тој.

21.10.2021 - 17:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа