Дел од партиите ги поддржаа барањата на родителите на деца со посебни потреби

 

Претставници на политички партии денеска во Паркот „Жена борец“ во Скопје го потпишаа документот на родителите на деца со посебни потреби со кој се заложуваат дека ќе ги исполнат нивните барања. Претходно, родителите изјавија дека бараат измени на Законот околу одземање на деловната способност на децата со посебни потреби, зголемување на додатоците, тргнување на границата од 26 години за овие лица во здравството, како и измена и на други закони и после 18 години да се применува посебниот додаток во додаток на попреченост.

– Правиме кампања за правата на лицата со посебни потреби, децата кои не учат на бесусловна љубов и ја нарековме „Да создадеме свет без граници“. Сакаме да ги обврземе политичките партии да ни дадат потпис со кој ќе се заложат дека ќе ни ги исполнат барањата, бидејќи повеќе не сакаме да веруваме на збор, изјави денеска Маргарита Милошеска од Гостивар, родител на девојче со церебрална парализа и координатор во Ресурсниот центар на родители на деца со посебни потреби.

Спасе Додевски од СДСМ по потпишувањето изјави дека последниве денови голем број граѓани и невладини организации на лица со попреченост, како и родители на деца со попреченост покажале интерес да имаат средби во насока на нивно информирање за сите мерки кои ќе ги преземе, како што истакна, новата Влада на СДСМ за унпаредување на животот и развојот на лицата со попреченост и нивните семејства.

– На ваквите средби тие ја искористија можноста за нивни сугестии и барања од нивна страна за сето она што би требало да се преземе во новиот мандат на СДСМ, а е од посебно значење за нивна социјална инклузија. Денешниот настан е чин на потпишување заедничка изјава со која СДСМ се обврзува во новиот мандат да ги реализира барањата понудени од страна на коалицијата на невладините организации на родители на деца со попреченост, рече Додевски.

Укажувајќи за обврските кои со таа изјава ќе ги преземе новата влада на СДСМ, рече дека во две етапи односно два пати по 15 проценти да го зголемат посебниот додаток за деца со попреченост, за самохран родител со дете со попреченост, за необезбедени родители корисници на гарантирана минимална помош.

Ангажманот на личните асистенти, асистентите во домот, потенцира, да бидат договорно регулирани со регулирање на придонесите и плата не помала од минималната, доследна примена на законот за основно образование преку редовно обезбедување образовни асистенти, родителите на лицата со телесна и интелектуална попреченост кои се грижат за своите деца, а кои не оствариле право на пензија по навршување 57 – годишна возраст да стекнат право на пензија без оглед дали другиот родител го има остваренот тоа право, бесплатна здравствена заштита за лицата со попреченост и после навршување на 26-годишна возраст, бесплатно бањско лекување со придружник без старосно органичување, отворање дневни центри во секоја општина, три регионални терапевтски центри и неколку мали групни домови за згрижување на децата по смртта на нивните родители, измени во правилникот за остварување право на ортопедски помагала, набавка на електронски софтвер за гласовно читање и обуки за брајово читање на слепите лица.

Посочи дека како измени и дополнувања на Законот за работни однсоси, за јавна администрација и за административни службеници да се даде приоритет за вработување на лицата со попреченост и нивните родители согласно образованието, примањето посебен додаток да биде до 18-годишна возраст, а потоа да премине во додаток за попреченост, да важи за сите категории на попреченост со висина во зависност од тежината на попреченост.

– Додатокот за помош и нега од трето лице да се дава со навршување 14 години и да важи за сите најтешки форми на попреченост, да се потикне дебата и преиспитување на последиците од одземањето на деловната способност на лицата со попреченост, за да се оневозможи целосно социјално исклучување на овие лица, како и намалување на судската такса при оваа постапка на минимален износ. Како и досега и во следниот мандат Владата на СДСМ и Зоран Заев ќе биде исклучително кооперативна и отворена за соработка со лицата со попреченост и нивните семејства, додаде Додевски.

Лидерот на Македонски концепт, Петар Богојевски изјави дека иако документот има обемна содржина, треба да бидат искрени и чесни кон иницијаторите кои се борат за правата за децата со попреченост дека дел од работите не можат да бидат исполнети во рокот наведен во него.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

08.07.2020 - 15:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа