Демири: Северна Македонија е прва земја од Западен Балкан што го усвои Националниот акционен план за здравствена безбедност


Северна Македонија стана првата земја од Западен Балкан што официјално го усвои планот НАПЗБ, што ќе помогне да се унапреди здравствената безбедност во земјата преку ангажирање партнери, обезбедување ресурси и градење капацитети за имплементација на Меѓународниот здравствен правилник – глобалната рамка за координација на управувањето со итни случаи во јавното здравје.
 
Усвоениот национален план е развиен од национални и меѓународни експерти и претставници од различни министерства и одделенија. СЗО обезбеди континуирана техничка поддршка, а Европската унија ја поддржа со финансиска помош. Во заеднички мултисекторски пристап, повеќе од 40 клучни чинители од различни сектори се сплотија за да го поддржат развојот на планот и да го користат пристапот НАПЗБ, кој е од клучно значење за решавање на приоритетните активности за зајакнување на капацитетите за национална здравствена безбедност.
 
„Усвојувањето на овој план е важен чекор напред во зајакнување на нашата посветеност за заштита на здравјето и благосостојбата на нашите граѓани“, рече д-р Илир Демири, министер за здравство на Северна Македонија, во своето обраќање на состанокот во Скопје, каде НАПЗБ беше официјално претставен, заедно со националните власти, клучните општествени чинители и медиумите. „Нè прави горди што водиме во заложбите за усвојување на пристапот НАПЗБ во регионот“, додаде тој, посочувајќи дека „ние сме благодарни за посветеноста и напорната работа на нашиот тим во Министерството за здравство и на сите колеги од целиот свет, од сите сектори, како и до СЗО за нејзината непоколеблива поддршка на подобро подготвен и отпорен здравствен систем за нашата земја во иднина“.
 
НАПЗБ на СЗО е приоритетен план за подобрување на здравствената безбедност на земјите, обезбедувајќи патоказ за зајакнување на нивните системи за да можат да спречат и да одговорат на здравствените итни случаи. Алатките како НАПЗБ им помагаат на земјите да ги проценат нивните способности и да се фокусираат на критичните активности за да ја направат здравствената безбедност приоритет на целото општество, со детали за важните чекори што треба да се преземат за да се осигури здравствената безбедност за нашите граѓани и заедници.
 
„СЗО ја истакнува Владата на Северна Македонија за нејзиното примерно лидерство и посветеност кон унапредување на националната здравствена безбедност и ние сме подготвени да обезбедиме континуирана поддршка при имплементацијата на овој план и дополнително да го зајакнеме капацитетот на Владата за подготвеност и одговор на итни случаи во здравството“, рече д-р Пиа Врачко, советник на СЗО за здравствена политика.
 
За д-р Абебајеху Асефа Менгисту, координатор на Балканскиот центар за здравствени итни случаи на СЗО, истакна дека „развојот на овој сеопфатен план преку заеднички напори на повеќе сектори и со континуирана поддршка од СЗО и партнерите ќе помогне да се унапреди здравствената безбедност во земјата преку ангажирање партнери, обезбедување ресурси и градење капацитети за спроведување на МЗП“.
 
Д-р Гундо Вајлер, вршител на должност регионален директор за итни здравствени состојби на СЗО за Европа, го поздрави усвојувањето на планот и ја истакна водечката улога на Северна Македонија која служи како пример на другите држави за прифаќање на вакви стратешки документи во нивното законодавство.
 
Националниот акциски план за здравствена безбедност е повеќегодишен процес на планирање, кој може да ја забрза имплементацијата на основните капацитети на МЗП и се заснова на пристапот „Едно здравје“. 
27.03.2024 - 15:05

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега