Деспотовски: Со „Концепт 28“ СДСМ ќе зајакне и ќе биде водечка политичка сила и во мандатот 2024 – 2028 година

„Kако претседател на СДСМ нагласувам дека нити сам, а најмалку во тесен круг луѓе можам или сакам да работам и носам било какви одлуки. Токму затоа ве повикувам да ја прочитате Програмата наречена #Концепт28, но и да ми се приклучите, да ги споделите сите ваши предлози, идеи, а се разбира и критики“, истакнува кандидатот за претседател на СДСМ, Јован Деспотовски во своето прво видео обраќање до членовите на партијата.

Тој нагласува дека како еден од 60 илјади активни членови на СДСМ има неизмерна почит кон партијата и токму од тие причини го ставил на располагање својот партиски стаж, но првенствено неговото работно искуство и посветеност кон партијата.

„Фокус на мојата Работна програма „Концепт 28“ се луѓето. Основната цел е обезбедување на повисок квалитет на живот за сите наши сограѓани. Со Концепт 28 предлагам поинаков пристап во креирањето и во спроведувањето на политиките и мерките. Нудиме концепт во политиката што нема да поаѓа од „кој“, туку од „како“ и „каков човек/луѓе“ ни се потребни. Концепт што, преку конкретни и мерливи резултати, дополнително ќе ја зацврсти СДСМ како водечка политичка организација во Северна Македонија и по следните парламентарни избори во 2024 година“, нагласува Деспотовски во видео обраќањето.

Нашиот фокус како политичка партија, вели тој, остануваат единствено граѓаните, како и брзите, но ефикасни решенија на проблемите со кои граѓаните со децении се соочуваат. СДСМ има тим, има луѓе, има резултати и што е најважно по којзнае кој пат покажа дека умее да се носи со предизвиците на новото време.

„Знам дека СДСМ за секој од нас значи заедништво, другарство и доверба. Но, би сакал да нагласам дека првенствено мојата цел со оваа кандидатура е единство бидејќи верувам во интегритетот на нашето огромно семејство социјалдемократи, чесни луѓе кои силно ја вреднуваат и демократијата и партијата. Внатрепартиските избори мора и знам дека ќе бидат вистински празник на демократијата, ќе создадат нова политичка култура во целата земја и ќе бидат пример за сите останати политички партии“, вели Деспотовски.

Според него, само со ваков пристап може да се постигне успех и да се докаже дека не случајно СДСМ го носи приматот на најпрогресивна партија. Со „Концепт 28“, како што истакнува Деспотовски, СДСМ ќе зајакне и ќе биде водечка политичка сила и во мандатот 2024 – 2028 година.

05.12.2021 - 20:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега