Димитров: ЕУ има два силни магнети на привлекување, еднакво силен како економскиот е и магнетот сочинет од европските вредности

 

Во организација на Министерството за надворешни работи, Институтот за европска политика и Хелсиншкиот Комитет за човекови права денес во Скопје се одржа тркалезна маса на тема: „Презентација на Извештајот за фундаментални права 2020: Евалуација на стандардите за човековите права во Северна Македонија низ призмата на Повелбата на Европската Унија за фундаментални права, во пресрет на отворањето на ЕУ пристапните преговори”.

Во своето воведно обраќање, министерот за надворешни работи Никола Димитров го подвлече значењето на исполнувањето на основните права, како уставна обврска и обврска преземена со меѓународните договори како Европската конвенција за човекови права, пред сѐ во полза на граѓаните, но и како важен услов во процесот на пристапувањето кон Европската Унија.

„ЕУ има два силни магнети на привлекување: еднакво силен како економскиот е и магнетот сочинет од европските вредности, основните човекови права, владеење на правото и демократските принципи. Со пристапните преговори ни се отвора на распологање најтрансформативната алатка со чија помош сите тие вредности можеме да си ги зацврстиме дома. Впрочем, исполнувањето на темелените права како суштински дел од кластерот „Основи” во преговорите со ЕУ, ќе биде предмет на постојана евалуација од страна на Европската комисија и земјите членки, односно метафорички кажано, темелните права ќе бидат или „црвената рачка” или „моторот” во нашата локомотива со правец кон ЕУ. Првата наша станица за полнење на гориво нека биде приоритетното донесување на Законот за заштита од дискриминација!” рече Димитров.

На тркалезната маса, на која учествуваа претставници на граѓанското општество и институциите надлежни за остварување на основните права, при што свои видувања за темата дадоа и Народниот првобранител и набљудувач во Агенцијата на ЕУ за фундаментални права, Иџет Мемети и директорката на Институтот за европска политика, Симонида Кацарска. 

Во богатата дискусија беше даден осврт на извештајот на Агенцијата на ЕУ за фундаментални права во однос на Македонија, како и на клучните предизвици во оваа област пред и во текот на пристапните преговори со ЕУ, соработка со граѓанскиот сектор при промоцијата и заштитата на човековите права, подобрувањето на капацитетите на институциите во насока на уживање на човековите права, примената на пристапот за човекови права во институционалните процеси, како и улогата на меѓународните инструменти, надзорни механизми и техничката соработка во функција на човековите права и фундаментални слободи.

Настанот се организираше водејќи се од компаративните практики во рамки на ЕУ за промоција на наодите од Извештајот на национално ниво, како и важноста од подигнување на свеста за работата на Агенцијата и Повелбата за фундаменталните права.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

08.07.2020 - 12:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега